Рускиот претседател Владимир Путин денеска положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат.



Путин убедливо победи на претседателските избори во март со што по петтти пат ќе биде претседател на Руската федерација.

Тој ќе остане на функцијата во следните шест години, до 2030 година.

Путин, кој е на власт како претседател или премиер од 1999 година, го започнува петтиот мандат повеќе од две години откако испрати десетици илјади војници во Украина, каде руските сили ја повратија иницијативата по серија пресврти и бараат понатамошен напредок.

На 71 година, Путин доминира во домашната политичка сцена. На меѓународната сцена тој е во судир со западните земји кои ги обвинува дека ја користат Украина како алатка за распарчување на Русија.

„За Русија, ова е продолжение на нашиот пат, ова е стабилност – можете да го прашате секој граѓанин на улица“, изјави за Ројтерс пред церемонијата Сергеј Чемезов, близок сојузник на Путин. „Претседателот Путин е реизбран и ќе продолжи по тој пат, иако тоа веројатно не му се допаѓа на Западот. Но, тие ќе разберат дека Путин е стабилност за Русија, а не некој вид нов човек кој дојде со нови политики“, кажа.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Путин во вторник би можел да назначи премиер кој ќе ја води неговата влада.