Рускиот претседател Владимир Путин ќе ја посети Кина од 16 до 17 мај, соопшти денеска Кремљ.
Ова ќе биде прво патување во странство откако го започна новиот шестгодишен мандат како претседател на Руската Федерација, а целта на посетата е продлабочување на партнерство со кинескиот колега Си Џинпинг, јави Ројтерс.
Кина и Русија прогласија партнерство „без ограничувања“ во февруари 2022 година, кога Путин го посети Пекинг само неколку дена пред руската интервенција во Украина.
„На покана на кинескиот претседател Си Џинпинг, Владимир Путин ќе престојува во државна посета на Кина од 16 до 17 мај, како прво патување во странство по преземањето на функцијата“, соопшти Кремљ.
Путин (71) и Си (70) ќе учествуваат на гала-вечерта на која ќе бидат одбележени 75 години откако Советскиот Сојуз ја призна Народна Република Кина, прогласена од Мао Це Тунг во 1949 година.





