Путин во Северна Кореја, САД загрижени

САД се загрижени поради приближувањето меѓу Русија и Северна Кореја. Ова во понеделникот го изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби, цитиран од АФП.



„Ние не сме загрижени за патувањето. Она за што сме загрижени е продлабочувањето на односите меѓу овие две земји“, рече Кирби.

Кирби рече дека загриженоста е „не само поради влијанието што ќе го има врз украинскиот народ, бидејќи знаеме дека севернокорејските балистички ракети сè уште се користат за удари врз украински цели, туку затоа што може да има некаков реципроцитет овде што влијае на безбедноста на Корејски Полуостров“.

Изјавата беше дадена пред ретката државна посета на рускиот претседател Владимир Путин на Пјонгјанг.

Пред посетата на Северна Кореја Путин му се заблагодари на Пјонгјанг за поддршката на руската офанзива во Украина.

„Многу цениме што Демократска Народна Република Кореја (Северна Кореја) решително ја поддржува специјалната воена операција во Украина“, напиша Путин денеска (18.06) во авторски текст објавен од севернокорејската државна новинска агенција КЦНА и весникот „Родонг Синмун“.

Исклучително ретката посета го нагласува растечкото партнерство на Москва со повлечената држава со нуклеарно оружје.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун упати покана до Путин за време на неговата посета на рускиот Далечен Исток во септември минатата година.

Путин не го посетил Пјонгјанг од јули 2000 година.

„На покана на претседателот на севернокорејската држава Ким Џонг-ун, Владимир Путин ќе престојува во пријателска државна посета на Демократска Народна Република Кореја на 18-19 јуни“, соопшти Кремљ.

По Северна Кореја, Путин ќе го посети и Виетнам на 19-20 јуни, додаде прес-службата на претседателот.