Заменик градоначалникот на Скопје Александар Трајановски од партијата ГРОМ на Стевче Јакимовски се повлече од својата позицијата со тврдење дека ДУИ го води главниот град.
По речиси три години на оваа функција Трајановски сега тврди дека со Скопје владее екипа на ДУИ од Сарај и дека сите директори на градските институции кои ги именува градоначалничката Данела Арсовска доаѓаат од корумпирана група.
Трајановски е функционер на ГРОМ.
Целото соопштение на Трајановски:
Како човек кој 8 години е дел од Советот на Град Скопје ми беше чест да прифатам да бидам заменик градоначалник на Град Скопје.
Оваа функција без никакви ингеренции и привилегии ја прифатив исклучиво за дополнително да се обидам да придонесам за подобрување, развој и модернизација на градот Скопје, јавните претпријатија, нивните услуги за граѓаните и начинот на функционирање.
Од првиот ден па се до денес се трудев да го споделам моето долгогодишно искуство, идеи и знаење за подобрување и унапредување на овој град и животот на граѓаните во него. Преку средби и состаноци со градоначалници на европски метрополи, градови од соседните земји, колеги советници од преку 70 градови се трудев на маса да донесам конкретни решенија за проблемите и предизвиците кои ги има овој град, а тие веќе ги имаат совладано.
Според обврските и овластувањата кои ни ги дозволува деловникот за работа на Советот на Град Скопје, се обидував постојано да предлагам конструктивни решенија. За жал со горчина и разочарување можам само да споделам дека ниту еден мој предлог не бил прифатен ниту реализиран. Деловникот за работа ниту еднаш не го прекршив, а посочував и се борев кога други колеги го правеа тоа свесно или несвесно.
Ревносно се борев за изгласување на годишните буџети на градот и програмите на јавните претпријатија, преговарав, дебатирав и аргументирано убедував колеги советници да ги поддржат и да ги гласаат предложените програмски и буџетски точки.
Да ми кажеше некој тогаш дека сево ова го правам за да со град Скопје и јавните претпријатија раководи и владее екипа од Сарај и ДУИ уште веднаш ќе одбиев.
Кога се нафатив да бидам заменик градоначалник тогаш градоначалничката наводно беше во битка со партизираните претпријатија. Косана Мазнева која тогаш беше директор на Комунална Хигена влезе во пресметка со екипа која ги тероризираше вработените во претпријатието и ги користеа ресурсите и капацитетите на претпријатието како да е нивна своина. За прв пат директор на јавно претпријатие се осмели да се соочи со овие структури. Косана Мазнева против таа банда херојски се избори и ја отстрани од Комунална Хигиена. За таа победа Косана Мазнева беше наградена со отказ, а денес градоначалничката на Град Скопје токму од таа екипа назначува директори.
Од кал да е, од Сарај да е, директор ќе биде. Во изминатава година Град Скопје со сите свои ресурси и капацитети работи на проекти исклучиво во Сарај, како да не постојат останатите општини во Скопје.
Јас не прифаќам да бидам заменик градоначалник само на Сарај, не прифаќам ниту градот да удоволува само на потребите на екипата од Сарај.
Граѓаните од сите општини во Град Скопје кои уредно си ги плаќаат своите обврски и го полнат буџетот очекуваат и заслужуваат Градот Скопје да работи на проекти и во нивните општини.
Поради неконзистентноста на јавните политики, неконзистентоста во департизацијата на јавните претпријатија, поради неконзистентоста во назначувањето и именувањето на директори на јавните претпријатија, поради целосно напуштање на програмата за модерно скопје, поради безидејноста во справување со проблемите на градот и општините, поради незрелата политичка пресметка со сите градоначалници на општините освен Сарај и неистомислениците. Заради секојдневното малтретирање на граѓани, инвеститори, стопанственици, луѓе кои го полнат буџетот на градот и општините, како и поради постојаниот мобинг, изживување и репресирање на вработените во град скопје и јавните претпријатија си поднесувам неотповиклива оставка како Заменик градоначалник.
Веројатно ќе прашате зашто порано не го сторив ова?.
Се обидував до максимум да посредувам, да го ублажам гневот, да се надминат недоразбирањата, инаетот меѓу градоначалничката, советничките групи, јавните претпријатија, претставници од стопанството и бизнис заедницата, изведувачи на проекти, вработените како и многу граѓани кои залудно бараа помош и решенија на своите проблеми сите овие месеци.
Очигледно не успеав ни јас ниту никој да се справи со ова чудо од карактер и начин на дејствување. Очигледно, општина Сарај нејзиното раководство и ДУИ ја имаат формулата за добра сорабтка, формула која јас и никој друг во оваа држава ја немавме.






