„Министерството за внатрешни работи соопшти дека се случил оружен инцидент вчеравечер, на 11 април 2024 година во централниот дел на градот Тетово. Според соопштението на полицијата, станува збор за обид за убиство. На местото на настанот се најдени чаури од испукани куршуми. Според првите сознанија, овој оружен инцидент се поврзува со пукањето со калашников, што се случи на 11 јануари 2024 година.“ – објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА. Инаку, нема воопшто никакви информации дека во заднината на ова најново пукање во Тетово се наоѓа каков било политички мотив поврзан со предизборието.
ИНА пишува: „Синоќа, на 11 април 2024 година во 22 часот и 45 минути во Центарот за управување со кризи Мумин Терзија пријавил дека лице со маска на главата од автомобил ‘Поло’ со непозната регистерска табличка пукало во насока кон неговата куќа на улицата „Илинденска“ во моменти кога целото негово семејство се наоѓало во куќата. Нема повредени лица. Пронајдени се чаури од испукани куршуми. Полицијата врши истрага.“ – велат во СВР Тетово.
ТВ Клан Македонија објави на 12 јануари 2024 година информација во врска со пукањето и повредувањето две лица пред тетовската Клиничка болница, што се случи на 11 јануари, еден ден претходно. Тогаш се случил оружен инцидент и тепачка меѓу членови на семејствата Мусаи и Терзија и постои веројатност дека најновото пукање врз куќата на Мумин Терзија е продолжение на судирот меѓу овие две семејства од јануари годинава.
Во својата информација од 12 јануари ТВ Клан Македонија има објавено: Почетниот проблем меѓу семејствата Терзија и Мусаи се случил на 11 јануари 2024 пред Основниот суд во Тетово кога по зборовен судир Реџеп Терзија и Адурим Мусаи се степале. По тепачката Реџеп Терзија бил одведен во полиција, а Адурим Мусаи бил испратен во болница со повреди. Како сведок во полициската станица се пријавил Мумин Терзија. Потоа двете страни се сретнале пред тетовската Клиничка болница. Таму во околности, непознати за полицијата, во пукотница со огнено оружје биле повредени браќата Адурим и Зејнула Мусаи.
Како итен случај Адурим бил веднаш однесен во Клиничкиот центар во Скопје, а врз Зејнула бил извршен хирургиски оперативен зафат во тетовската болница, а потоа во амбулантно возило, придружувано од полицијата и тој бил однесен во Клиничкиот центар во Скопје. Од СВР Тетово соопштија дека се уапсени 4 лица, кои биле вмешани во инцидентот: Р.Т. (35) и М.Т. (44) од Тетово, како и 55-годишната Ш.Е и лицето Н.М. (39), поради сомневање дека се вмешани во пукањето со огнено оружје пред тетовската болница кога биле тешко повредени двајцата браќа Мусаи од селото Гајре.





