„Фокусирајте се на тезите“, бара професорката Каролина Ристова-Астеруд во врска со колумната на новинарот Бранко Тричковски, кој што се вклучува во одбрана на Беса Арифи од претходната преписка меѓу неа и неколку професорки, кои сметаат дека Законот за јазиците е противуставен.
„Кога ќе ја читате колумната на Бранко Тричковски ‘Македонски мазохизам’, игнорирајте ги тоа навредите, квалификациите, па и по некоја закана, упатени спрема професорките, ним нема да им падне круната од главата. Поважно е да го задржите ‘окото на топката’, на главната тема, да не ве дефоксура. Видете што сè тој тоа импутира, конструира, манипулира, па и апла лажно обвинува. Па, видете кој тоа, за што и за кои цели и вредности хистерише (замислете, хистерише, а нема матка!)“, пишува Ристова-Астеруд.
„Споредете со сè што е изнесено како аргумент, критика и анализа за сè што не е во ред со овој закон, уставно-правно, политички, политиколошки, а и не е воопшто за занемарување и од аспект на јавни финансии и финансиски праведното оптоварување. Барем кај мене имате цели фермани подолу на ѕидот, што се вели, речиси нема камен што не е превртен. Ама чуму, Тричковски сам си кажува, ниту Законот го прочитал, нит го интересира што содржи (како точно тој самиот го формулира тоа?), нит го интересираат аргументи, очигледно нит аргументи по основ на владеење на право и демократија, ма ништо од тоа, тоа не е дел од неговата умислена ‘реалполитика’. На моменти чиниш тој мисли сета галама е за ‘македонскиот јазик’, а не за (не)уставна двојазичност/повеќејазичност, нели до кај и што е уставно, а од каде и што не е уставно, и тоа спрема уставни амандмани изгласани со поддршка на сите, како и за начинот по кој се тера тоа, а кој индицира сериозен упад и деформитет на уставниот и политичкиот систем на земјата. Секако, сето ова како карактеристика на човек кој е разумен, не е глуп, не е аморален и ич не е зол и злобен, и од таа позиција тргнува да пишува ‘колумна’ за темата и проблематиката (или повеќе за професорките ќе да беше?)“, вели експратеничката на СДСМ.
„Но, пред сè, и над сè, фокусирајте се на тезите што ги пласира.
Тезата бр. 1 е онаа за тоа ‘кој може да биде националист, а кој не смее да биде шовинист’. Инаку, тоа се два различни поима и различни феномени, не се еквиваленти, но може и сакал да ги склепа во национал-шовинизам, сеедно, ама веројатно точниот одговор би требало да биде – никој? Но, не, не според Тричковски! Некои таму смееле тоа да бидат (Албанците), а некои (Македонците, особено таму некои хистерични Македонки, професорки) не смееле, и не само тоа, туку не смеат ниту уставноста на некакви ‘папири’ да испитуваат, а камоли да доведуваат во прашање. Ова со ‘папирите’ патемно ни се обзнанува новата семантика и логика која треба да ја замени семантиката и логиката на ‘договорите’, ‘Уставот’ и ‘законите’ како ‘палома’, да си знаете, така вели Тричковски. Оваа и ваква теза бр. 1 се провлекува низ половина од неговото писание.
На пример, ако некој и со војна (а и со повреди на меѓународно хуманитарно право) се изборил за Рамковен во 2001 и за рамковни уставни амандмани, па и истите ги гласал во Собрание, сè О.К. Ако некој друг инсистира истите тие да бидат почитувани, на најдемократски начин, во слободна земја, е тогаш не е О.К.
Ако некој прави манипулации и сеење магла меѓу ‘фактографии’ од предрамковна и од пострамковна Македонија, лажни аналогии меѓу пред и по, а особено во однос на ова што била тема/проблем тогаш, а што сега, всушност, се спори во ЗУЈ, пак О.К., ако некој укажува на тоа, не е О.К. И така по ред.
Надоврзана на тезата бр. 1 е тезата бр 2., која треба да го даде објаснувањето за сè она по логиката на тезата бр. 1. Имено, дека тие и такви двојни стандарди, тие и такви арбитрерности и небулози, па и во однос на правниот поредок, тоа и такво ефективно поништување на политичките права на парламентарното претставништво на оние кои гласаат во прв круг по Бадинтер (Македонците) и сè другото по ред, е оправдано поради тоа што Македонија ‘немала друга тежина’ и ‘гравитациска сила’ (освен оваа што тој ја сугерира, апла и арбитрерна тиранија на малцинството!), ниту историска, ниту империјална, ниту цивилизациска!
Јас секако нема да навлегувам во таа и таква тежина и достигнувања, по тие и такви стандарди, ниту на Македонија и на Македонците, ниту на Албанците во земјава, камоли во регионот (Албанија и Косово), ама, чинам, оваа и ваква теза, ако ништо друго, значи тотално негирање и комплетно поништување, ма апсолутен нихилизам и презир, кон историската борба на народот на кој припаѓа Тричковски за своја државност, на сите животи дадени, на сета крв пролеана, на сè што е оставено како интелектуална борба и писание, на сè што е оставено како фолклор, култура и јазик.
И да не е битно во светски, европски или регионални размери, барем во однос на овој народ и во оваа земја е неспорно дека му е битно (промислете го и ова да го напишеше за другите вака, или оти е своевиден автошовинизам, сè е в ред?). И како тргна со втората теза, помислив, ма се исплашив, дека и апла ќе ја развие до степен на прогласување нов ‘небески народ’ на Балканите и сè што оди со тој ‘пакет’, баш онака апла, на зборови (па уште и обвинува други за негување или инсистирање на супериорност, толку ја разбрал темата и толку ги видел аргументите, дека никој не спори ништо што е според Уставот во однос на двојазичноста/повеќејазичноста, а таму нема ни ‘с’ од некаква си супериорност!).
А и кога ја прочитав вторава теза, си реков, па ако одиме по овие критериуми и логики, кај им се фаќа крајот на нашите јужни соседи, на Грците? Па, нормално, треба и може да си прават сè што сакаат, и во Грција, и во регионот, ма ја задолжиле европската и западната, а богами и светската цивилизација, ептен! А и што тогаш Србите толку го јадеа стапот во изминатите децении, па таму исто гравитација колку сакаш, а богами и бајаги историја, цивилизациски достигнувања, барем регионално, а богами и цела регионална империја?
А кога сме кај ‘гравитационите сили’, не е дека немаме и други опции и коњи за трка. На пример, да актуелизираме некои стари идеи за раздружување, па ако направиме напор, може, сосе и граници низ градови ако треба, сосе размена на население, па ние во делот на Македонците, кои, нели, немаме гравитациона тежина, да си реактулизираме федерален живот со Србите, и така пред сите нас имаат шанси да влезат во ЕУ. Или, уште поубаво, да заиграме на Бугарија, приспојување таму, небаре за двете Германии се работи (значи, има правен преседан во ЕУ), па на готово, опалааа, членка во ЕУ и НАТО.
Со оглед на историското и цивилизациското значење на Охрид, нели за сесловенската писменост, да не ја спомнуваме неговата гравитациска сила по тој основ, а и нема држава што неќе да си зголеми територија, па може ќе се искамчиме и таму, кај браќа и сестри Бугари, за статус, најмалку на покраина, ако не статус ала Шкотска во рамки на Британија, а и ‘дијалектот’ може наеднаш ќе стане ‘јазик’ како гест на великодушност од нивна страна. И во двете варијанти и ‘спорот за името’ најверојатно од глава ќе ни се тргне, пуф! А нашиов малтене новопрогласен ‘небески народ’ од страна на Тричко нека си тргне по свој пат, дали со своја (трета) држава, дали ќе се приклучи кон Албанија, дали кон Косово, ма што им е по мерак, и со сета историска, цивилизациска и гравитациска сила што Европјаните ќе ја почувствуваат, нели, секој со својата среќа.
Мислам, кога е бал со тезава на Тричковски, еве нека биде маскенбал! Иако, подразмислете и подлабоко, што всушност сугерира Тричковски со овие тези и како вообичаено се именуваат нивните (под)варијанти, особено изведени во нивната крајна консеквентност. Сè на сè, токму неговите, а не на професорките, се тези за умртвување, всушност, уште полошо, за суштинско и многу реално (само)негирање и (себе)укинување на Македонците, па уште и пред реално да изумрат, најпрво со прогласување на ‘папирите’ и политичките права, ма и на самата демократија, за неважечки за нив, оти така вели новопрогласениот од него ‘небески народ’.
И да, треба да се срами, ептен да се срами, ама од себе, не од професорките! Во однос на она што се воодушевува од предењето и везењето на Беса Арифи (сè по теза бр. 1) не треба да чека десет години, што-како, има безброј примери и индикатори и сега во омилената му реалност и реалполитика, ако сака да ги види, секако, и да ги постави истите прашања што јас ѝ ги поставив нејзе во мојата реакција. А и ептен му препорачувам да ја прочита Ардита Абдули на „Ако.мк“ („Против шовинизмот на г-ѓа Груевска-Маџовска“), ептен ќе биде горд! Конечно, тоа вицкастиот му осми Њутнов закон да си го примени на себе, ептен како за себе си го формулирал, сосе ‘колумната’, која, нели, блика со гравитас, пардон, тежина на темата!“, заклучува Ристова-Астеруд во анализата на тезите на новинарот Бранко Тричковски.





