За противпожарни апарати се чека и до една недела, а нивната цена почна да расте. За 10-тина дена, компаниите кои ги увезуваат, продале противпожарна опрема како за цела година. Најмногу се бараат ПП апарати од 6 и 9 килограми. Некои прават и листи за нарачки на апарати кои се чекаат од увоз. Големата побарувачка од малите компании, угостителските објекти, станбените згради си го направи своето, објави Алфа. Стравот за личната безбедност, но и од инспекциите кои се засилени во овој период ги натера најбрзо што можат да набават противпожарна опрема.
Од Заедниците на станари велат дека некои од зградите имале исправни хидранти, хидрантски црева, противпожарни апарати, но со текот на времето или нередовно се вршел сервис или пак некој ги крадел. Сега се во трка да набават нови. Противпожарните апарати чинат помеѓу 2.500 до 6.000 денари зависно од големината и полнењето. За простор од 50-тина кавдрати треба да има една боца од по 9 килограми.

Од компаниите што вршат увоз велат дека речиси ниту една компанија немала на залиха толку апарати, колку што биле побарани во последниве 10-тина дена. Апелираат до граѓаните и фирмите да не забораваат дека противпожарните апарати треба да се сервисираат најмалку еднаш годишно. Рокот на траење на еден ПП-апарат е 20 години, а потоа треба да се фрли и да се купи нов.
Исто така, треба да внимаваат да купуваат сертифицирани апарати со ЦЕ-ознака, бидејќи на „диво“ се продавале и кинески ПП апарати кои се небезбедни. Општините веќе им најавија на Заедниците на станари дека спроведуваат акција за превенција и проверка на средствата за противпожарна заштита. Им дадоа рок на Управителите од една недела на писмено да ги известат за моменталната состојба со ПП опремата, а потоа ќе следат и глоби доколку недостатоците не бидат отстранети во одреден рок.





