Претставници на студенти и средношколци од Тетово денес пред локалниот суд и Јавното обвинителство оставија противпожарен апарат, за да им упатат порака на овие две правосудни институции „да ги најдат виновниците за сите трагедии во изминатите години, почнувајќи од последната во Кочани“. Бленди Ходаи од „Иницијатива нула“ најави протест на градскиот плоштад и поради пеплосувањето на модуларната болница во Тетово. Од „Иницијатива нула“ ги повикаа средношколците, студентите и граѓаните од Тетово в понеделник, на 24 март 2025 година на градскиот плоштад „да го искажат својот револт против корупцијата и неказнивоста на прекршителите на законот“.
„Објектите во Македонија се лесно запаливи и затоа денес на Основниот суд и Обвинителството во Тетово им подаруваме противпожарен апарат заради нивната безбедност. Сакаме да ја нагласиме важноста на правдата во државата. Им порачуваме на обвинителите и судиите дека треба да ја разоткријат вистината, да ги изведат вистинските виновници пред правдата и да ги стават зад решетки, зашто се тие одговорни за трагедиите во Кочани, каде загинаа 59 млади, за пожарот во модуларната болница во Тетово, каде загинаа 14 наши граѓани, за несреќата со „Беса транс“ во Бугарија, во која загинаа 45 наши граѓани, за несреќата со „Дурмо турс“ во Ласкарци, кога загинаа 16 патници, како и за многу други трагедии, за кои сè уште нема никаква казна. Пред правдата треба да се изнесат и судиите и обвинителите, кои ја кочеле правдата во овие и многу други случаи.“ – изјави Бленди Ходаи од „Иницијатива нула“.
Од „Иницијатива нула“ ги повикаа средношколците, студентите и граѓаните од Тетово в понеделник, на 24 март 2025 година да излезат на градскиот плоштад и „да го искажат својот револт против корупцијата и неказнивоста на прекршителите на законот“. „Во 12, 30 часот ќе се собереме на плоштадот во Тетово. Потоа ќе протестираме пред Основниот суд против сите трагедии, што се случиле. Ќе побараме одговорност, бидејќи правдата не може и не смее да биде фрлена во сенка. Мора да има одговорност за сите случаи. За тоа ќе протестираме, тоа е наша должност како граѓани.“ рече Ходаи.
Home Македонија Протест на „Иницијатива нула“ во Тетово на 24.3.2025, заради модуларната болница и...





