Одбројувањето за големиот митинг, закажан за 14 часот денеска во Солун, против името на Скопје и употребата на терминот Македонија почна. Од вчера, луѓе од цела Грција пристигнуваат на собирот на кои организаторите очекуваат присуство на околу 30.000 лица кои пристигнуваат организирано со 500 автобуси.
Во раните утрински часови автобуси тргнаа и од Атина каде е регистриран и инцидент: Непознати напаѓачи со камења и дрва нападнале еден од автобусите при што била повредена една жена. Претседателката на „национална солидарност“ Кристина Сидерис вели дека само нејзината организација ангажирала 12 автобуси. Граѓани организирано доаѓаат и од најодалечените грчки острови…
Настаните почнаа утринава во црквата „Свети Димитрија“ каде митрополитот солунски Антимос, одржа Божествена Литургија против употребата на терминот Македонија.
Грчката Црква се огради од протестот зад кој стојат пан-хеленски организации од дијаспората, но и ултранационалистичката „Златна зора“ но митрополитот Антимос испратил писмо до архиереите, повикувајќи ги да учествуваат на литургијата.
Поради протестот, сообраќајот во Солун ќе биде под посебен режим, а полицијата предупредува на можен контрапротест поради што се воведени посебни мерки на безбедност.
Предвидено е на насобраните да им се обратат пензионираниот висок огицер на грчката армија Франгос Фрагулис, и новинарите и активисти Стиргиос Калогирос, Костас Караискос, Андреас Кефалојанис, Никос Лигерос кои ќе ја упатат пораката до власта и до соседите дека „никој не смее да го узурпира светото име Македонија“.
Грчките медиуми кои денес на насловните страници информираат токму за протестот, пишуваат дека за поголема масовност во Солун се откажани и сите спортски активности.
Сепак, познавачи на приликите велат дека денешниот митинг ќе биде само бледа „реприза“ на големиот митинг од 1992 година кога над милион луѓе, заведени од тогашната политичка гарнитура која се спротивстави на осамостојувањето на Република Македонија, протестираа извикувајќи „Македонија е грчка“.
И сега, како и тогаш барањата се идентични: Стоп за употреба на името Македонија од страна на Скопјани и спротивставување на преговорите меѓу Атина и Скопје за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за 25 годишниот спор, доколку тоа идно име во било која форма и во било каква транскрипција го користи терминот „Македонија“ за кој сметаат дека е грчки ексклузивитет.
Дел од грчките медиуми пишуваат дека протести може да се одржуваат и наредните недели.





