Митингот во знак на протест против употребата на зборот „Македонија“ во евентуално решение на спорот со името, што беше планиран да се одржи на 4 февруари во Атина, ќе се одржи во пристаништето Пиреја.



Според официјалното соопштение, организаторите, истите кои беа и зад големиот митинг во неделата во Солун, не сакаат да предизвикаат сообраќаен хаос во центарот на Атина со првично планираниот протест на плоштадот „Синтагма“.

Извори за весникот „Катимерини“, сепак, тврдат дека промената на местото била од безбедносни причини, бидејќи организаторите се загрижени да не дојде до судири помеѓу демонстрантите, оние кои припаѓаат на националистичкиот кампус и самопрогласените анархисти.

Полицијата проценува дека 90.000 луѓе присуствуваа на протестот во неделата во Солун, иако други споменуваат бројка од 500.000 присутни дојдени од цела Грција.