Просечната плата во Хрватска достигна 1.392 евра

Просечната јануарска нето плата во Хрватска изнесува 1.392 евра, што е номинално за 2,3 отсто, а реално за 2,2 отсто повеќе од декември минатата година, објави денеска хрватскиот Државен завод за статистика (ДЗС).



На годишна основа, просечната хрватска нето плата е номинално повисока за 12,3 отсто, а реално за осум отсто во однос на јануари 2024 година.

Највисока просечна месечна нето-плата по вработен за јануари 2025 година е исплатена во секторот авиосообраќај и изнесува 2.184 евра.

Наспроти тоа, најниска просечна нето плата во Хрватска е забележана во производството на облека во јануари и изнесува 919 евра, се наведува на вебстраницата на ДЗС.

Медијалната нето плата во Хрватска за јануари изнесувала 1.200 евра, што значи дека половина од вработените во Хрватска заработуваат помалку од споменатата сума.

Како што се наведува во извештајот, хрватската медијална плата е зголемена за 13,3 отсто во однос на јануари 2024 година.