Пророчки зборови на Даме Груев од 1903, важни и во 2025: На македонските револуционери не им се потребни никакви гаранции од Бугарите!

Најнова вест
Мајка и син пред неправда на векот: Битолска апелација одлучува дали ќе додели дете на осуден насилник од моќна македонска фамилија

„Нам, на македонските револуционери, не ни се потребни никакви гаранции од страна на Бугарите, но ниту ни се потребни такви од страна на Србите. Никаква нивна спогодба, ако се однесува на Македонија, не може да има вредност без наша согласност!“ – кажал еден од апостолите на македонската ослободителна и револуционерна борба Даме Груев  во април 1903 година на средбата со Света Симиќ, српски дипломатски претставник во Софија, во врска со српско-бугарските договарања околу Македонија. Дури и наспроти тоа што Груев како заколнат македонски револуционер уште пред 120 години истакнал дека на македонските револуционери не им се потребни никакви гаранции од Бугарите, па ниту од Србите во врска со Македонија, се случува комична ситуација денес бугарските политичари и историчари, прикажувајќи се што е македонско како бугарско, и овој голем македонски револуционер да го означуваат како „бугарски револуционер“! Овие ставови на Даме Груев ги цитира македонскиот историчар проф.д-р Михајло Миновски во својата статија со наслов „Бугарите, Србите и Грците како  неканети гости – македонизмот во илинденската епоха низ факти (1893- 1909)“, објавена во весникот „Нова Македонија“ на 24 октомври 2019  година. Но и тие несоборливи македонски факти и аргументи за Бугарите претставуваат „лаги“. Денес се навршуваат 154 години од раѓањето на Дамјан (Даме) Груев Јованов, еден од великаните на националното ослободително движење на македонскиот народ кон крајот на 20. век, револуционер, учител, идеолог и еден од организаторите и основачите на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО). Оваа  историска годишнина е нова пригода за навраќање кон личноста, животот и револуционерното дело на Даме Груев, кој  останува трајно вдахновение за секое македонско поколение.



Даме Груев е роден на 19 јануари во 1871 година во Смилево, Демирхисарско. Од летото 1894 година започнал да ги формира првите револуционерни комитети на Македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија. Во статијата „ Даме Груев е меѓу најбележитите македонски водачи“, објавена на 23 декември 2022 година во весникот „Нова Македонија“, покрај другото, пишува: Денес кога се негира нашата историја и кога некој се обидува да ја отуѓи, одбележувањето одреден извонреден настан, или личност од македонското минато, има уште поголемо значење, затоа што се поврзуваме со нашето наследство од минатото, наследство што сѐ уште има важност за сегашноста и за сплотеноста на Македонците како нација, посочуваат универзитетските професори и историчарите. Во овој контекст треба се разбере и важноста на Даме Груев, кој во колективното паметење на македонскиот народ останува како апостол на револуционерна Македонија. Историчарите нагласуваат дека како држава и народ не смееме да го заборавиме Груев, затоа што тој е една од најзначајните личности од македонската историја, што го трасираше патот кон слободата на нашиот народ и македонската државност.

За значењето на македонскиот великан

Универзитетскиот професор и историчар Ванчо Ѓорѓиев вели дека Даме Груев има клучно место во историјата на македонското револуционерно ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век. „Тој е целосно вграден во историјата на Македонската револуционерна организација (МРО), која се стремела за создавање македонска држава. Нејзин основоположник е и најекспониран организатор и раководител. Одбележувањето на неговата дејност истовремено е и одбележување на македонското револуционерно ослободително дело.“ – нагласува Ѓорѓиев.

Даме Груев во солунската егзархиска гимназија „Св. Кирил и Методиј“ (1887/1888) учествувал во големиот бунт на учениците против бугарската пропаганда во Македонија, со барање за воведување на македонскиот народен говор во наставата. опаганда. По таквите случувања во Солунската егзархиска гимназија од неа биле исклучени 38 ученици- Македонци, меѓу кои и Даме Груев како еден од предводниците на школскиот бунт. Српскиот конзул Петар Карастојановиќ им ветил на исклучените ученици дека ќе можат да го продолжат образованието во Србија. Даме со деветмина на 21 септември 1888 година пристигнал во Белград. Тие побарале да им се даде финансиска поддршка, а за возврат ветиле: „Со својата сила ќе поработиме час поскоро да стекнеме знаења, за да ѝ бидеме од корист на нашата околина, а со тоа и за целото српство, па да не нè мачат Бугарите и останатите туѓинци.“ Ете колку „Бугаринот“ Даме Груев бил „Бугарин“, за него  Бугарите биле и останале туѓинци!

Заедно со Петар Поп Арсов и со Иван Хаџи Николов формирал македонска револуционерна група во која влегле: Андон Димитров, Христо Батанџиев и д-р Христо Татарчев. Оваа група ги поставила основите на Македонската револуционерна организација (МРО). Османлиските власти го протерале во Битола (1898), каде што бил уапсен (август 1900) во врска со Попставревата афера и бил осуден на 10 години затвор. Од затворот во Битола одржувал врски, давал инструкции и ја раководел месната организација. Бил префрлен од Битола (мај 1902) во затворот во Подрум-Кале во Мала Азија, каде што бил заедно со Христо Татарчев и Христо Матов. Алберт Сониксен, американски новинар и публицист, запишал дека Даме Груев додека бил на заточение во Мала Азија оттаму „ја администрираше Подземната република“. Во затворот останал 10 месеци (до март 1903).

По амнестирањето се вратил во Македонија (во Смилево), а потоа заминал во Солун, каде што имал неколкудневна средба со Гоце Делчев околу прашањето за кревање востание. Груев ја прифатил одлуката за востанието како завршена работа и бил решен самиот да ја преземе фаталната одговорност. Оттука неговата изрека: „Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!“. На 2 август 1903 година било кренато Илинденското востание. Груев го доживеал мигот на историскиот чин, но и ужасите на страдањата на својот народ, решен по секоја цена да се бори и да се избори за слобода и за своја држава. По востанието Груев останал во Битолско со народот за да работи на консолидирање на револуционерната организација. Учествувал на подвижниот Прилепски конгрес (мај 1904 год.), каде што се залагал за централизирана организација како тајна држава во османлиската држава, како подземна република.

Претседавал на Рилскиот конгрес во 1905 и бил избран за член на Централниот комитет. Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија. Загинал во борбата на врвот Петлец кај Русиново на 23 декември 1906 година. Месното население го погребало во дворот на селската црква. Подоцна неговите телесни останки биле пренесени во Смилево. Димитар Влахов, истакнат македонски деец и револуционер, запишал дека „со смртта на Даме Груев му се нанесе огромен удар на македонското ослободително движење“.



Најчитани статии Тројца судии го носат тешкото бреме на неправдата предизвикана од моќ и пари
Мајка и син пред неправда на векот: Битолска апелација одлучува дали ќе додели дете на осуден насилник од моќна македонска фамилија