Пропадна кохабитацијата меѓу Владата и Претседателот (ВИДЕО)

Иако најавена како сериозна можност од страна на премиерот Заев, кохабитацијата меѓу претседателот на државата и владата пропадна на првиот посериозен предизвик за државата.



Само што пред десетина дена се договорија за првата група од десетина амбасадори кои што треба да заминат во македонските дипломатски претставништва владата го изигнорира претседателот и започна сама да носи одлуки во кои според законот и уставот ингеренции има и врховниот командант.

Шефот на државата Иванов воопшто не бил прашан за начинот на кој што треба да гласа македонскиот амабсадор во ООН каде што минатата недела земјва влезе во директен дуел против Трамп за признавањето на Ерусалим како главен град на Израел.

Како што објави вчера Алфа ТВ во емисијата „60 минути со Горан Момироски“ претседателот Иванов воопшто не бил консултиран за чекорот на македонската дипломатија во Њујорк.

„Претседателот Иванов не беше консултиран, ниту дал инструкции по однос на гласањето за резолуцијата во Генералното Собрание на Обединетите Нации, поврзана со статусот на градот Ерусалим“, се вели во реакцијата на кабинетот на Иванов до ТВ Алфа.

Според владата Македонија во Светската организација гласала против САД затоа што традиционално ги следела позициите на ЕУ.

„Одлуката на Република Македонија во однос на гласањето е во насока на позициите кои ги имаа земјите членки на ЕУ, што е од суштинско значење за нашата земја бидејќи ние традиционално се усогласуваме со ЕУ по сите резолуции кои што се однесуваат на прашањето на Блискиот Исток. Ставот на Република Македонија е во согласност со нашето долгогодишно принципиелно позиционирање по однос на мировниот процес и релевантните резолуции на Советот за безбедност на ООН според кои финалниот статус на Ерусалим треба да се разреши преку преговори на двете инволвирани страни“, стои во објаснувањето на Владата до телевизијата.

На гласањето Македонија беше меѓу 128 држави кои што се спротивставија на САД по што земјава не е поканета на приемот за земјите пријатели на Америка кој што треба да се одржи на 3 јануари.