Вчера 11 април во Скопје, беше промовиран „Водич за улогата на родителите во
превенција и справување со насилство во училиштата“.
Ова значајно издание е креирано со цел да послужи како клучен ресурс за родителите и стручните служби во училиштата, нудејќи им практични совети и насоки за ефикасно
справување со предизвиците поврзани со насилството во образовниот контекст.
,,Публикацијата е дизајнирана како алатка која ќе им помогне на родителите да ја
разберат својата клучна улога во превенцијата на насилството и во создавањето
подобра и побезбедна училишна средина за нивните деца. Опремен со детални
упатства и препораки, верувам дека Водичот ќе придонесе во градењето здраво и
поддржувачко училишно опкружување. Со оглед на тоа дека децата поминуваат меѓу 6
до 8 часа дневно во училиште, повеќе од 200 денови годишно, училиштето е
исклучително значаен дел од нивниот живот. Времето поминато таму е драгоцено,
искуствата и знаењето што се стекнуваат се од непроценлива вредност. Да потсетиме,
училиштето не е само место на учење, туку е и синоним за пријателства, први љубови,
комуникација… Токму затоа, квалитетот и безбедноста на училишниот живот се од
суштинско значење за здравиот развој на секое дете“, изјави Драги Змијанац –
претседател на Прва детска амбасада во светот Меѓаши.
![]()
,,Нашата амбиција со овој Водич е да придонесеме кон култивирање на училишни
средини каде што секое дете се чувствува безбедно, заштитено и охрабрено да се
развива до својот максимален потенцијал. Веруваме дека заедничките напори на
родителите, стручните служби и училишниот персонал се крајно важни во процесот на
создавање на опкружување каде што насилството е категорично отфрлено“, изјави Моника Илиоска Кантарџиоска – раководителка на програми во Коалиција за
младински организации – СЕГА.
Катерина Златанова Попова како родител на две деца од средно училиште ги покани
сите заинтересирани родители и професионалци да се запознаат со Водичот и да се
приклучат кон напорите на Меѓаши за подигање на свеста и активно учество во
креирањето на посветла и побезбедна иднина за децата.
![]()
Светлана Тодоровиќ – училишен психолог во СУГС Георги Димитров како и Вероника
Петрова – Претседателка на ученичкиот парламент во СУГС Георги Димитров и Јана
Николовска – средношколка во СУГС Орце Николов и волонтерка во ПДАС Меѓаши,
беа согласни дека денес семејството претрпува значајни промени во својата структура,
функции и динамика, соочувајќи се со многубројни предизвици како сиромаштија,
дискриминација, насилство, социјална исклученост и разводи. Но, независно од овие
промени и предизвици, потребите на децата за љубов, грижа и внимание остануваат
непроменети. Во овој контекст, училиштето се појавува како критична институција во
животите на децата, место каде тие треба да наоѓаат безбедност и поддршка, околина
која ќе ги охрабрува и ќе го стимулира нивниот развој и учење.
Реалноста денес нè поставува пред сериозен предизвик во контекстот на превенцијата
и справувањето со насилството во училиштата. Честопати за жал училишните средини
се претвораат во извор на стрес и траума. Насилството во училишната средина
значително влијае врз децата, предизвикувајќи отсуство од настава, паѓање на
училишниот успех, загуба на мотивација и чувство на страв и несигурност. Токму
затоа, создавањето безбедни и ненасилни средини за децата не е само цел, туку и
императив на современото општество.
Преку организирано и свесно дејствување кон менување на ставовите, рано
препознавање и спречување на насилството, како и негување на позитивна атмосфера, ќе се изгради заштитна мрежа која ќе обезбеди помош и поддршка за сите ученици. На тој начин, училиштата ќе станат места каде се негува културата на ненасилство и се промовира безбедна средина за секое дете. На крајот, треба да се потсетиме дека нема поголема инвестиција од таа во добросостојбата и безбедноста на децата.
Нивната сигурност и благосостојба се врвен приоритет!
Публикацијата е достапна на македонски, албански и турски јазик, во електронска
форма.
Материјалот во оваа публикација е интерактивен и усогласен со домашните закони и
меѓународните документи, инструменти и стандарди за заштита на децата и нивните
права.
Проектот „Промоција на безбедна училишна средина” го спроведува Коалиција на
младински организации СЕГА во партнерство со Прва детска амбасада Меѓаши / First
Children’s Embassy Megjashi, SmartUp – Social Innovation Lab и МЦГО – Македонски
центар за граѓанско образование / МСЕС, а со поддршка на Детската фондација
Песталоззи/Kinderdorf Pestalozzi.




