Продолжен притворот на приведените за настаните од 27 април

Наместо утре, како што се најавуваше, Кривичен совет на Основниот суд Скопје 1 уште денеска им го продолжи притворот за уште 30 дена на приведените за настаните од 27 април во Собрание.



Ексминистерот за внатрешни работи и директор на Биро за јавна безбедност во времето на инцидентите Митко Чавков, пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, потоа Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Игор Дурловски и Владо Јовановски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и уште 15 лица остануваат во истражниот затвор во Шутка.

Пратениците Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски, како и уште едно осомничено лице, нови 30 дена ќе бидат во домашен притвор.

За две лица, пак, на барање на Обвинителството, затворскиот притвор е заменет со куќен притвор.

Против овие решенија притворените имаат право на жалба до Апелациски суд во рок од 48 часа.

За Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски–Кољо, Младен Додевски и Дејан Давидовски денеска е издадена национална потерница, а ќе се распише и меѓународна, бидејќи безмалку еден месец се недостапни на органите на прогонот, а Судот во отсуство им изрече 30-дневен притвор.