Продаваат зеленчук или злато? Дури 329 денари за еден килограм пиперки во скопски маркет

Скапотијата на дел од овошјето и зеленчукот продолжува. Иако пред само кус период, осум правни субјекти од кои три маркети, една аптека и тројца најголеми увозници на овошје и зеленчук се затворени на 15 дена поради непочитување на владините мерки за маржите, дел од нив пак си тераат по старо. Овој пат станува збор за еден од големите ланци маркети во скопската населба Дебар Маало, каде цените главно на зеленчукот заминаа до плафон.



Од фотографиите кои ги направи редакцијата на „Експрес“, може да се види дека за еден килограм пиперки, се бара 329 денари. Граѓаните реагираат дека не се продава злато, туку зеленчук.

Како што соопшти претходно директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски, кај дел од правните субјекти контролите утврдиле маржи до 70 отсто. Таквата пракса, ако се суди според сегашните цени, продолжува.

Според Стојкоски, освен клуч на врата, тие ќе бидат и парично казнети.

  • Се работи на уште 30 предмети во кои се опфатени сите големи маркети. Инспекторите се постојано на терен, контроли спроведуваме континуирано и така ќе продолжиме – информира директорот на прес-конференција на 07.03.2025.

Сепак, неговата генерална оценка е дека мерките на Владата се почитуваат. Од 24 февруари до 6 март се извршени 365 надзори во трговијата на мало и 64 во трговијата на големо со што се опфатени над илјада малопродажни и големопродажни места. Притоа се констатирани вкупно 36 неправилности и се издадени прекршочни платни налози од 42.000 евра.