Зијад Беќировиќ, директор на Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, очекува Владата на Зоран Заев да распише референдум за името и тој да биде успешен, односно граѓаните на него да стават печат на ново име на државата.
„Новата влада се обврза дека ќе работи во интерес на граѓаните и транспарентно. Тоа ветување во минатите седум месеци и го исполни. Верувам дека тој референдум и ќе успее, бидејќи граѓаните на Македонија сакаат напредок и подобра иднина“, изјави Беќировиќ за „Глас на Америка“ (ВОА).
Во написот „Најважен настан на годината за регионот – крајот на конфликтот на Грција и Македонија“ тој наведува уште една варијанта за членство во НАТО годинава.
„Со решевањето на спорот околу името на 18 мај оваа година на самитот во Софија ќе биде испратена посилна порака од кога и да е и, воедно, низ бугарското претседавање со ЕУ повторно Балканот ќе биде вратен во европските приоритети. Постои уште една можност Грција да поддржи прием на Македонија во НАТО под сегашното име, а дополнително да се реши прашањето за името. Оваа варијанта е малку веројатна. Нерешавањето на спорот околу името и со тоа оневозможувањето на влезот на Македонија во НАТО отвора простор за засилување на Русија и на некои други држави во Македонија и во регионот“, објаснува Беќировиќ.
Директорот на ИФИМЕС не очекува немири предизвикани од незадоволни од начинот на решавањето на речиси тридеценискиот спор.
„Станува збор за две соседни и пријателски држави, кои му припаѓаат на ист цивилизациски круг. Грција е членка на НАТО и на ЕУ, а Македонија сите настојувања и напори ги насочува токму кон членството во тие две асоцијации. Демонстрации и немири се случуваат обично тогаш кога зад сè стои Владата, отворено, но почесто прикриено, тивко, од заднина. Можни се помали, спорадични, контролирани немири“, смета Беќировиќ.





