Кренар Лога, потпретседателот на фракцијата на Зијадин Села во Алијансата за Албанците и поранешен министер за правда, продолжува со своите етнички провокации, но во последната објава на фејсбук се „надмина“, кога си дозволи да ги обвини сите Македонци за наводно ширење некаква „противалбанска хистерија“ и оти се „болни од комплекси кон Албанците, кои можат да бидат не само рамноправни, туку и подобри од Македонците“!
Барајќи „#ДржаваЗаСите“, покрај другото, на својот фејсбук-профил Лога напиша: Африм Гаши е претседател на Собранието непрекинато во текот на 24 часа и во текот на цела седмица, дури и на приватни забави. Нашите сограѓани мора да се навикнат на ова, бидејќи не можеа да се навикнат дека и Талат Џафери беше премиер на оваа земја! Антиалбанската хистерија и стигматизација што владее уште од пред парламентарните избори, наместо да бледнеат, зема замав, не само институционално, туку и во јавниот, медиумскиот и политичкиот говор. Нападите врз Талат Џафери, Вјоса Османи и Африм Гаши се обиди да се залечат комплексите на оние, кои не можат да прифатат дека и Албанците можат да бидат рамноправни со нив. Но зошто го прават ова со Гаши? Сакаат да не направат да изгледаме недостојни да бидеме на високи државни и јавни функции. По 3 децении и натаму не можат да се согласат со идејата дека другите се способни како нив, а можеби и подобри од нив.
Во вчерашното соопштение, потпишано во име на АА на Села, Кренар Лога се огласи со тврдење дека Сашко Лафчиски „го зазел неправедно“ местото началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, „што му припаѓа на офицер-Албанец“. По ова опозиционерот Лога се впушти во „анализирањето на меѓуетничките односи“, тврдејќи: „Парадоксите во оваа наша држава, наречена * Македонија стануваат нормални, особено кога мнозинската заедница треба да го направи својот избор. Кога една Албанка не ги исполнува законските услови за директорка (ревизорка на ИПА фондовите), таа се разрешува, а кога еден Македонец не ги исполнува законските услови, тој станува шеф на Генералштабот на АРМ“.





