Легендата вели дека на ова место некогаш се наоѓал Штип, кој бил пробиен од освојувачки војски. Пробиен Штип или Пробиштип. Според преданието, стариот град бил во месноста Грамади, топоним во денешното село Пробиштип, инаку сè уште неистражен локалитет од кој извираат артефакти и при самото орање на нивите.Ова рударско место богато со злато, сребро, бакар, олово, цинк и други метали и неметали, од антиката до денес било мета на желби и интереси на сите војски и освојувачи. Доказ за тоа е и бункерот граден од германската војска во текот на Втората светска војна.
Лесново е планинско село, сместено од десната страна на Злетовска река, на надморска височина од 890 м. Селото се наоѓа на југозападната страна од Осоговската Планинаи е единствената населба во Македонија која што лежи во јасно сочуван фосилен вулкански кратер.

Свети Гаврил е еден од четворицата пустиножители, заедно со свети Јован Рилски, свети Јоаким Осоговски и свети Прохор Пчински, кои се сметаат за зачетници на еремитското монаштво во Македонија кое се развило под влијание на Света Гора и ги зафатило северните делови на Македонија. Лесново е едно од најстарите села во Македонија.

На овој камен е запишано: „Се создаде овој светол и чесен храм, на великиот војвода на небесните сили архангелот Михаил. Се создаде и се заврши во времето на крал Стефан, со трудот и издатоците на Божјиот слуга, великиот војвода Јован Оливер во 1341 година.“





