Централниот комитет на најголемата опозициона партија вечерва ја прифати оставката на досегашниот лидер Никола Груевски.
Тој поднел неотповиклива оставка пред Централниот комитет.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оставката ја најави на почетокот на месецот кога изјави дека ќе преземе одговорност за лошите резултати на партијата на последните локални избори.
„Независно каков ќе биде исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам пред органите на партијата оставка“, изјави тогаш Груевски.
На седницата на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ вечерва беше потврдено дека Конгрерсот на партијата ќе се одржи на 22 и 23 декември во Валандово, како што и претходно беше најавено. 544 делегати ќе учествуваат на Конгресот.
За наследник на Груевски на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ досега кандидатура пријави Филип Петровски, кој во емисија за Канал 5 телевизија рече дека по долго размислување се решил на тој чекор.
Неофицијално, за ова место претендирале и Илија Димовски, Христијан Мицковски, Никола Поповски, Антонио Милошоски и Никола Тодоров, но засега никој јавно не потврди дека ќе се кандидира.
Милошоски, чие име се споменува како можен кандидат за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе види дали ќе поднесе кандидатура и дека имало време.
Генералниот секретар Мицковски, кој исто така се смета за еден од можните кандидати, пред состанокот изјави дека не е исклучена можноста тој да седне на претседателското столче, пренесе РСЕвропа.
„Кој било да застане на чело на партијата јас сум сигурен и убеден дека тој во иднина ќе го порази Зоран Заев и ќе ја предводи македонската влада“, рече Мицковски.





