Притисок врз Гренланд: Ди Венс ќе го посети островот

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс најави дека во петок ќе го посети Гренланд како дел од висока американска делегација, заедно со неговата сопруга, чија посета на Гренланд беше претходно најавена.



Трамп: Вака или онака ќе го добиеме Гренланд

Со нетрпение очекувам да го посетам Гренланд во петок“, напиша Венс во објавата на социјалната мрежа X, придружена со видео кое го најавува патувањето.

Венс рече дека ќе ги посети членовите на американските вселенски сили на северозападниот брег на Гренланд и ќе провери „што се случува со безбедноста“ во областа. Тој нагласи дека „многу други земји“ му се заканувале на Гренланд и се обиделе да ја искористат нејзината територија и води „за да им се закануваат на САД, Канада и народот на Гренланд“.

Тој додаде дека зборува во име на претседателот Доналд Трамп дека сакаат да ја зајакнат безбедноста на граѓаните на Гренланд бидејќи ја сметаат за важна за безбедноста на целиот свет.

„За жал, лидерите во Америка и Данска предолго го игнорираа Гренланд, тоа беше лошо и за Гренланд и за безбедноста на целиот свет. Мислиме дека можеме да ги однесеме работите во друга насока“, рече тој.

Данскиот премиер Мете Фредериксен претходно вчера изјави дека САД вршат „неприфатлив притисок“ врз Гренланд.

„Морам да кажам дека Гренланд и Данска се под неприфатлив притисок во оваа ситуација. И ние ќе се спротивставиме на притисокот“, изјави Фредериксен за данските телевизиски станици ДР и ТВ2 .

Премиерот на Гренланд во заминување, Муте Егеде оцени дека посетата на американската амбасада е „провокација“ бидејќи се совпадна со коалициските преговори и доаѓа пред локалните избори следната недела.