Прилепчани масовно против промената на уставното име

Стотици прилепчани вечерва од плоштадот „Александрија“ го кренаа својот глас против промената на уставното име на македонската држава, а беше побарано и ослободување на притворените за настаните од 27 април, како и спречување на донесувањето на Законот за употреба на јазиците.



„Македонија се наоѓа на претсмртна постела. И ја одземаат душата. А што е душата? Душата е името, јазикот, корените, идентитетот. Сето тоа ѝ го одземаат во овие лоши, претешки времиња. Дојдовме тука да ја спасиме од смртта не заради себе, туку заради оние кои ќе дојдат утре после нас. Оти ќе бидеме колнети во своите гробови дека не сме застанале машки да си ја одбраниме татковината. Македонија е нашата мајка. Оваа вечер е посветена на љубовта, на патриотизмот“, рече историчарката Виолета Ачкоска.

„Нè залажуваат 27 години со некакви јасни сигнали дека ни се отворени вратите на рајот, дека ќе нè примат во некакви асоцијации – Европска унија, НАТО итн. Дали човечкото достоинство, дали името на татковината, дали гробовите од нашите предци треба да ги заборавиме за да се обезличиме, да се обезимениме и така безимени да останеме без својот дом, без својата куќа, да останеме без Македонија? Ниту една минлива светска и европска асоцијација не е вредна за името Македонија“, додаде таа, набројувајќи три ќорсокаци кон кои ја туркаат, како што вели: Тиранската платформа, Договорот за добрососедство со Бугарија и промената на името.

Покрај Ачкоска, на насобраните им се обратија и претседателот на Светски македонски конгрес, Тодор Петров, како и аналитичарот Сотир Костов.

Од камената бина беше најавен и голем протест пред канцеларијата на Европска унија во Скопје на 27 април, денот кога минатата година почнаа протестните маршеви на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.