Претседателот Иванов против Горна и Северна Македонија?

Новото решение за името меѓу Македонија и Грција да не биде на штета на трети држави е ставот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов изнесен на заедничката прес-конференција со бугарскиот претседател Румен Радев по денешната средба во Скопје.



Со оглед на позицијата на бугарскиот државен врв, соопштен и од Радев и од министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, против географска одредница што би се однесувала на дел од територијата на Бугарија (Пиринска Македонија – н.з.), излегува дека за Иванов се неприфатливи предлозите Горна Македонија и Северна Македонија.

Против овие два од петте предлози на посредникот Метју Нимиц се изјасни и поранешниот бугарски претседател Георги Прванов, кој за Бугарска телевизија (БТВ) пред четири дена рече дека „решенијата како Горна Македонија и Северна Македонија се во полза на Грција, а за сметка на Бугарија“.

Одговарајќи на новинарско прашање за разговорите за разликите за името со Грција, Иванов потенцира дека тие ќе продолжат под покровителество на Обединети нации, а решението да се бара од резолуцијата на ООН, Временската спогодба, како и од пресудата на Меѓународниот суд.

Иванов и Радев иницирале и потпишување Договор за стратешко партнерство меѓу Македонија и Бугарија, каков што македонската држава има со САД и со Турција.