Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вечерва ја прифатила колективната оставка на сите членови на Комисијата за помилување при кабинетот на шефот на државата.
Членовите на Комисијата за помилување денеска ја информираа претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека поднесуваат колективна оставка од позициите во комисијата, стои во соопштението од кабинетот на претседателката.
,,Одлуката за поднесување на колективна оставка од Комисијата за помилување членовите ја донеле во согласност со нивните лични и професионални принципи.
Претседателката Сиљановска Давкова ја прифати оставката поднесена од проф. д-р Методија Каневчев, проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири”, се вели во соопштението.
Во следниот период претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе изврши консултации за новиот состав на комисијата, како и за институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица, најавуваат од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Оставката на комисијата доаѓа по помилувањето на десет лица меѓу кои едно лице во меѓувреме извршило кривично дело за кое комисијата не била информирана.





