Пред почетокот на меѓународната конференција за безбедност која се одржува во Софија претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја посети бугарската болница Пирогов каде се лекуваат повредени од Кочани.
,,Со чувство на длабока и искрена грижа, најпрво ја посетив болницата „Пирогов“ во Софија каде што се згрижени и се лекуваат македонските граѓани повредени во трагичниот пожар во Кочани”, објави претседателката по посетата.
Сиљановска Давкова таму разговарала со бугарскиот министер за здравство, проф. д-р Силви Кирилов, заменик-директорот на болницата, проф. д-р Николај Габровски и раководителката на Одделот за изгореници и пластична хирургија, доц. д-р Маја Аргирова.
,,Бев информирана дека здравствената состојба на осумтемина македонски пациенти е стабилна, се наоѓаат под постојан надзор од страна на врвни, искусни лекари и дека процесот на закрепнување бележи напредок.
Во присуство на лекар Македонец, ми беше овозможен подолг разговор со најблиските роднини на македонските пациенти. Тие најпофално се изразија за болничкиот персонал и манифестираа радост за видно подобрената состојба на нивните најмили”, објави претседателката.
Таа се сретнала и со дел од бугарските медицински тимови коишто директно учествуваа во укажувањето на итна медицинска помош и им изразила особена благодарност за нивната пожртвуваност, човечност и професионалност.
,,Нивната благородна мисија е вистинско олицетворение на медицинската етика, солидарноста и хуманоста, вредности коишто ќе останат темел на заемна почит и искрено пријателство меѓу двата блиски народа, бугарскиот и македонскиот”, се вели во објавата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова по посетата на болницата во Софија.






