Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски денеска упатија
честитка до верниците по повод големиот христијански празник Богојавление Водици.
,,На овој светол и благословен ден, кога небото се отвора и Божјата светлина се спушта на Земјата, ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Овој празник има длабоко духовно значење и особена симболика во нашата вера. Исусовото крштевање во реката Јордан не претставува само осветување на водата, туку чистење, духовна обнова и нов почеток. Богојавление е ден кога ја чувствуваме Божјата присутност во нашите животи, ден кога со отворено срце ја примаме љубовта и светлината којашто Бог ни ја дарува, потврдувајќи ја нашата верба во него.
Денес кога го славиме Божјото откровение на Земјата, ние сме повикани да го покажеме најдоброто и најсветлото на овој свет. Оваа година нека биде година на обнова, љубов и заедништво, со Божји благослов, а овој празник нека биде поттик за сите нас со верба да продолжиме по патот на љубовта и правдата, да бидеме светлина за другите и да градиме поубав свет исполнет со милост и со сплотеност.
Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник Богојавление ‒ Водици.
Бог се јави”, се вели во честитката од претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
,,Во името на Владата и во мое лично име, на сите православни христијани им го честитам големиот празник Богојавление – Водици, денот кога го славиме Крштевањето на Господ Исус Христос во реката Јордан.
Како што се отворија небесата над Јордан, потврдувајќи ја светоста на овој чин, така и денес нека ни се отворат патиштата кон мир, разбирање и благослов.Овој свет ден нè потсетува на вредноста на верата, духовното единство и љубовта кон ближните. Затоа, да го негуваме духот на заедништвото, почитта и поддршката еден кон друг, ставајќи ги мирот и добрината во прв план.
Нашето општество мора да се темели на меѓусебната почит и стремежот кон соживот. Нека оваа празнична свеченост нè потсети на нашата обврска да го чуваме и унапредуваме заедничкото живеење, прифаќајќи ја различноста како вредност која нè збогатува сите нас.
Воедно треба да бидеме свесни дека промените за кои работиме и за кои сакаме да се случат зависат од сите нас. Иднината мора да биде заедничка и секој ден мора да покажеме нескршлива волја во реформите и чекорите кои ќе обезбедат сигурност, стабилност и просперитет.
Посакувам срдечна прослава, семејна топлина и радост во овој убав празничен ден, а благодатта на денешното осветување да биде наша водилка низ животот.
Бог се јави”, се вели во честитката од премиерот Христијан Мицкоски.






