Претседателката го охрабри генералштабот да предложи жена генерал – Сиљановска Давкова се сретна со македонски офицерки

Претседателката на Македонија го охрабрува генералштабот на АРМ да предложи жена генерал во Армијата.



Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со припаднички на Армијата, жени кои со својата професионалност, посветеност и истрајност не само што ги уриваат стереотипите, туку внесуваат и нова димензија во вооружените сили, информираат од кабинетот на претседателката.

На средбата полковник Елизабета Наумовска-Петрески, потполковник Александра Доневска, мајор Анета Куртелова и поручник Бојана Филиповска зборувале за себе, за статусот на жените во Армијата, како и за потребата од нивна поголема застапеност во формациските структури.

Инспирирани од Меѓународниот ден на жената, во искрен и конструктивен разговор тие споделиле приказни за својот професионален пат исполнет со предизвици и предрасуди.

На средбата претседателката била информирана дека и покрај напредокот, жените во Армијата се уште не се доволно застапени на клучните раководни позиции и честопати се соочуваат со ограничени можности за едукација.

Претседателката истакнала дека во сите тела во нејзина надлежност што таа ги формирала го применила начелото на паритетна застапеност, не од матријархални побуди, туку заради тоа што не сака да се запостават знаењето, смиреноста и мудроста коишто ги носат жените.

„Треба да ги еманципираме мажите за да ги прифатат жените како рамноправни, оти досега светот беше машки и го видовме резултатот. Верувам дека промените се нераскинливо врзани за женската одлучувачка улога, којашто умее да ги преусмери општествените текови, ставајќи женски печат!“ – посочува претседателката.

Според неа, нелогично е по 80 години од формирањето на Обединетите Нации да немало жена – генерална секретарка, исто како што е нелогично досега да нема жена – генерал во македонската Армија. Затоа, претседателката Сиљановска-Давкова го охрабрува началникот на Генералштабот во пронаоѓањето креативно решение за жена – генерал.

Во моментов, жените сочинуваат 11.87% од составот на Армијата, што е блиску до просекот на НАТО, но далеку од долгорочната цел од 30% застапеност.

Соговорничките се согласија дека силата на Армијата е во единството, во синергијата меѓу мажите и жените, а родовата рамноправност дополнително ќе го зајакне високиот углед на Армијата, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.