Претпразнично поевтинуваат над 1.000 производи, инспектори со засилени контроли

Само еден ден по стартот на „Новогодишната“ потрошувачка кошничка, граѓаните велат мерката е добредојдена, но скептични се дека цените суштински ќе се намалат. Па така, додека инспекторите на терен проверуваат дали трговците ја почитуваат мерката, граѓаните од продавниците излегуваат разочарани. Оваа кошничка е замајување на јавноста, сметаат дел од граѓаните.



Мерката ќе трае еден месец, односно до 15 јануари. Во листата спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни и алкохолни пијалаци.

Сега, кошницата се прошири и сега има над 1.000 производи чии цени треба да паднат за најмалку 10 проценти. Министерот за економија вели листата не е затворена и секоја компанија која сака да се приклучи на акцијата, може да го стори тоа. Пазарните инспектори, пак, ќе ги проверуваат цените еден месец пред да почне акцијата.

  • Се гледаат цените на производите кои се во Новогодишната кошница и најниските цени на истите производи кои биле во последните 30 дена. Тука, според законот за заштита на потрошувачите кога ќе дејствува државниот пазарен инспекторат сите аномалии кои ги имаат или злоупотреба на оваа мерка од трговците ќе може да дејствува или да врши контроли на терен државен пазарен инспекторат и ако има злоупотреби ќе пишуваат казни“ – изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

Директорот на инспекторатот рече дека ќе ги контролираат цените од 15 ноември до 15 декември, односно дали од тој период е земена и намалена за 10% најниската цена. Но, што доколку цените биле зголемени ден претходно – на 14 ноември? Иако Стојкоски најави дека ќе проверат, законски не може да пишат казни.

  • Не знам на што се должи тоа. Прво треба да провериме на што се должат тие зголемувања, значи некаде имаме берзански производи. Треба да утврдиме на што се должи тоа, после тоа да излеземе со коментар. Во секој случај, да, треба да провериме“ – изјави Влатко Стојкоски, директор на државен пазарен инспекторат.

Надлежните ги повикаа граѓаните доколку забележат неправилности да ги пријават. Контрола на акцијата најавија и од Сојузот на синдикатите на Македонија.