Пресврт во преговорите за името – Нимиц се враќа на Балканот

Дваесети и четири часа по телефонските разговори Пенс – Ципрас и Пенс – Заев и десетина дена откако специјалниот претставник на генералниот секретар на Обединетите Нации Метју Нимиц дојде во Скопје и си замина дома, тој повторно се враќа во регионот.



Ова на состанок во Атина на кој што премиерот Ципрас ги информирал политичките партии за преговорите во врска со Кипар, го најавил грчкиот министер за надворешни работи Никос Kоѕиас кој потврдил дека овој викенд медијаторот ќе пристигне во Европа. Коѕиас не прецизирал дали Нимиц ќе оди само во Атина или ќе пристигне уште еднаш и во Скопје.

По средбите со македонскиот претседател Иванов, премиерот Заев и министерот за надворешени работи Димитров медијаторот изјави дека иако има нов контекст во двете земји и во регионот за нов предлог за името ќе мора да се почека неколку месеци.

Веднаш потоа Нимиц добил порака од Атина дека поради преговорите за Кипар не може да биде примен од страна на Грција.

„Очекувам оваа недела да го видам господинот Нимиц кој што доаѓа во Европа да разговара прашања кои што се поврзани со номенклатурата“, изјавил Коѕиас во Атина не прецизирајќи што точно се подразбира под номенклатура – термин со кој оригинално се означувала политичката елита во комунистичка Русија.

Коѕиас рекол дека Нимиц бил во Скопје но било невозможно да се сретне со него затоа што бил на преговори во Швајцарија и затоа ќе го сретне наредниот викенд.

Зошто сега одеднаш 78-от годишниот Нимиц би се вратил во регионот и повторно би ги интензивирал разговорите за името за кои предходно рече дека со месеци нема да можат да бидат помрднати од мртва точка никој не може да тврди со сигурност.

Една од најсериозните опции за драматичната промена на ситуацијата е дека американскиот потпретседател во разговорите со Ципрас и Заев создал ситуација во која е можен брз напредок во билатералниот спор долг речиси 3 децении.

Оваа опција е реална и поради тоа што би било крајно некоректно и недипломатски доколку грчката страна организира средба со Нимиц, кој има 78 години а неодамна мина и сериозна здравствена криза, за да разговара само за „номенклатура“ без суштинско допирање на спорот за името.