Преминот Богородица – Евзони дел од барање на Атина до Брисел

Грчката влада минатата недела испратила ново барање, второ за четири месеци, со кое од Брисел се бара 18 месечно одлагање на воведувањето на систематски проверки на своите граници.



Барањето се однесува и на Македонија преку која што особено во летните месеци пристигнуваат стотици илјади туристи кои што не можат да бидат проверени согласно новите построги критериуми на Европската Комисија.

Како причини за невоведување на мерките се наведуваат инфраструктурни проблеми и зголемен сообраќај на 12 аеродроми. Во барањето до ЕК и Агенцијата ФРОНТЕКС, грчката полиција бара суспензија на новите промени во Шенгенскиот договор воведени во март и на граничните премини Евзони со Македонија и Промахонас и Нимхаја со Бугарија.

Грчката полиција во образложението вели дека дококу нема суспензија на европравилата ќе дојде до големи метежи на грчките граници поради зголемениот сообраќај. Грција се обврзува во периодот од 18 месеци да продолжи со посебни проверки на лица осомничени за тероризам или со шверцери со илегални мигранти.

Во својата аргументација Грција навела дека и други земји веќе побарале одлагање на воведувањето на стриктните мерки за проверка кои што значително го комплицираат патувањето во ЕУ.