По вчерашната средба на која што во Солун се собраа премиерите на Грција и Бугарија – Ципрас и Борисов и српскиот претседател Вучиќ, премиерот Заев ќе мора да ја преиспита својата теза поставена во февруари според која проблемот со соседите е во Македонија.
Тогаш Заев обидувајќи се да покаже дека единствен кривец за лошите односи со соседите е македонската влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ рече:
“И не може сите да бидат лоши околу нас, а ние да сме најдобрите. Ако сите се скарани со Македонија, проблемот е во Македонија.”
Сега откако Заев не беше поканет на средбата на која без присуство на македонски претставници било разговарано за состојбата во Македонија и за спорот за името при што од Солун дојдоа навредливи зборови за земјава, премиерот ќе биде доблесен да ја ревидира својата политичка изјава и да признае дека проблемот сепак не е во нас.
Вчера, барајќи во вторник Собранието на затворена седница да расправа за договорот со Бугарија, тој покажа доблест и му се заблагодари на ВМРО – ДПМНЕ за напорите во предходните 9 години да најде решение за договорот со Софија.




