Белгискиот производител на автобуси и камионски приколки „Van Hool“, кој има своја фабрика и во Скопје, е пред банкрот. Откако белгиските медиуми објавија дека на банките им должи 45 милиони евра кои треба да ги плати до крајот на месецов, компанијата објави план кој предвидува отпуштање на 1.100 вработени и селење на најголемиот дел од производството во Македонија.

Познатиот холандски бизнисмен, Гвидо Думареј, меѓутоа сега најавува дека е заинтересиран да ја преземе компанијата и да ги спаси 1.800-те работни места во фабриката сместена во гратчето Конигшоикт, но вели – „Van Hool“ прво мора да прогласи банкрот. За весникот De Tijd изјави дека неговиот план за спас е сосема спротивен од оној на сегашниот менаџерски тим. Тој предвидува најголемиот дел од производството на „Van Hool“ да остане во Белгија, а дека „производството во источна Европа – не е решение“, мислејќи притоа на фабриката во Скопје.
Иако извршниот директор Филип Ван Хол минатото лето предвидуваше дека ќе се пробие во 2023 година, компанијата од Koningshooikt ја заврши годината со рекордна загуба од 59 милиони евра. Различни извори ова го потврдија за весникот Де Тидд.

За отпуштањето работници во белгиската фабрика „Ван Хол“ зборуваше и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски Пред неколку дена за „Сител“ изјави дека производството „Ван Хол“ за три години целосно ќе го пресели во Македонија, а една од причините е ниската цена на трудот, односно трипати пониски плати од оние кои ја примаат белгиските работници, но притоа не спомна дека компанијата е пред финансиски колапс.
Според планот за спасување, белгискиот производител на автобуси и камионски приколки годинава би требало итно да отпушти 830 работници, отпуштањето на дополнителни 300 ќе се случува во текот на следните три години, а производството на автобуси сега се сели во Македонија. Раководството најави технолошки вишок и други губења на работни места, на специјалниот работнички совет. „Го разбираме влијанието што овој план ќе го има врз вработените и нивните семејства и тешко ни е да го преземеме овој чекор“, вели ко-извршниот директор Марк Званевелд.
Но, и покрај овие драстични мерки, компанијата нема да се спаси доколку не најде 45 милиони евра до крајот на март. Во спротивно, се соочува со банкрот.





