Предмет во Антикорупциска за „злоупотреби“ против Асани, директорот на ИДКНА, каде се финансирани и великоалбански историски фалсификати!

Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи објави дека Антикорупциската комисија отвори предмет од против Скендер Асани, директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, поради сомнежи за направени големи финансиски злоупотреби, за судир на интереси, за непотизам, роднинство, како и некои други сомнежи. Фетаи рече дека никој не е над законот. Ова го објави ТВ 21.



„Со загриженост ги проследив медиумските извештаи пред празниците: постојат сомнежи за сторени големи финансиски злоупотреби, за судир на интереси, за непотизам, роднинство, како и некои други сомнежи, поради што Антикорупциската комисија отвори предмет против Скендер Асани, директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците. Важи принципот на презумпција и во нашата земја, но ги повикувам институциите да ги земат предвид многу сериозно овие извештаи.“

Асани вработил четворица членови од блиското семејство во институтот за духовно и културно наследство на Албанците, со кој раководи десет години. Тој не го одрекува ова и се обидува да „објасни“ дека „немаат сите од нив имаат основано редовен работен однос“! Асани убедува и дека „сите вработувања биле направени во согласност со законите и со годишната програма за вработувања“, за да „можел Институтот да ја остварува успешнно својата дејност“!

Асани го следат и тешки обвинувања, кои се уште не се предмет на соодветни истраги и проверки на состојбата, дека „со пари од буџетот на државата Македонија во Институтот за духовно и културно наследство се финансираат противдржавни проекти, со елементи и на противуставни дејствувања,  со кои се фалисификува флагрантно македонската национална историја“.  Во врска со ова на почетокот на минатогодишниот август изби скандал, за кој пишуваше весникот „Нова Македонија“ во својата статија со наслов „Скопје било еден од трите главни албански политичко-административни центри!?“, објавена на 7.8.2024 година.

„Историчарите и други експерти реагираат во врска со фалсификатот во книгата ‘Скопје, самата историја на Косово (Извештаи на италијански дипломати)’ од авторите Скендер Асани, Мехмет Приштина и Алберт Рамај, во улога и на уредници, која е објавена од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје. Според нив, немаат никаква ниту вистинитост, ниту научноистражувачка основа искажувањата дека ‘Битола, Јанина и Скопје, седишта на Битолскиот, Јанискиот и Скопскиот вилает, биле најважни албански политичко-административни центри’. Таквата политикантска констатација е чист фалсификат и има елементи на антидржавни, па и противуставни однесувања. Во ситуација кога некој однадвор се обидува да ја менува македонската историја, како нација дозволуваме и одвнатре да ни се ревидира историјата. Соговорниците предупредуваат дека институциите треба да ги спречат сите вакви внатрешни фалсификувања и ревидирања на македонската историја од позиција на идеологијата на Велика Албанија, заради заштита на уставниот поредок, на државата и нацијата. Треба да се сопрат објавувањата на вакви историски фалсификати и нивно финансирање од институциите во Македонија.“ – се нагласува во споменатата статија на „Нова Македонија“.

Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, раководен од директорот Скендер Асани, на 17 ноември 2024 година се појавил во уште една контроверзна улога. Тој ден во Приштина, во Косово „свечена академија по повод 30-те години од формирањето на УЧК на Косово“ била организирана од страна на Здружението Движење, организациите во Косово произлезени од борбата на УЧК, како и од Институтот за духовно и културно наследство од Скопје и Здружението на политичките затвореници“. Овој детал дека споменатиот институт бил соорганизатор на таа „академија за УЧК“ во Приштина го објавија ТВ 21„Тетова сот“ и други медиуми на албански јазик во Македонија и во регионот. 

Тогаш се наметнаа две прашања. Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, кој се финансира со пари од државниот буџет на Република Македонија, зошто се појавува во улога на соорганизатор на манифестацијата за одбележување „тридецениски јубилеј на УЧК“ во Косово, ентитет надвор од Македонија?! Каква поврзаност имаат „духовното и културно наследство на Албанците од Македонија“ – основната дејност на овој институт, со „борбата на УЧК за слобода на албанскиот народ во Косово и другите територии под Југославија“?!

Случајно, или не, на таа „академија за 30-годишнината на косовската УЧК“ настапил и лидерот на ДУИ Али Ахмети, покрај другото, истакнувајќи во својата реч: „УЧК е сублимат, возвишена суштина на борбата за слобода на албанскиот народ во Косово и на другите територии под Југославија, на неопходноста да се легитимира неговата борба за слобода и независност.“