Правот што се крена околу најавата дека скопскиот аеродром треба да добие ново име зашто сегашното содржело „ирединтистички“ тенденции кон грчката територија и историја, предизвика вистинска дебата на социјалните мрежи.



За едни, менувањето на името самопо себе е национално предавство, за други Александар Велики не бил наш зашто сме биле Словени, за трети враќање на името „Петровац“ е она вистинското, но таквите се обвинети дека се „србомани“ и југо-носталгичари.

Предлогот на невладиниот „Дипломатски клуб“ аеродромот да биде именуван по името на претседателот Киро Глигоров отвори расправа околу заслугите на претседателот за да имал свој аеродром, други прашаа кои биле врските на Глигоров со воздухопловството, трети прашуваат како ке се пишува и изговара на англиски и дали тоа нема да создаде проблеми.

Нема да ги споменеме реакциите на колеги новинари кои излегоа со теза дека Глигоров бил најголем непријател на Албанците или предлогот аеродромот да се именува како Али Ахмети.

За модата на Балканот да се стават имиња на аеродроми „за инает“ на соседите, пишуваше деновиве и угледниот „Економист“ кој ги спомна загрепскиот „Фрањо Туѓман“, белградскиот „Никола Тесла, солунскиот „Македонија“ приштинскиот „Адем Јашари“…

Во општиот галиматијас се појавија и шеговити решенија како на пример „Аеродром син му на Филип II“ за кого анонимниот автор веројатно верува дека е компромисно решение кое ќе го сочува и угледот на државава, а ќе ги задоволи и грчките желби да не им го „крадеме“ Александар.