„Артан Груби објави повторно видео со претседателот на ДУИ Али Ахмети додека пее народна албанска песна. Песната што ја пее Ахмети е старата песна позната како ‘Лошиот Хисен’. Груби е познат по објавувањето на овие видеа, на кои Ахмети пее.“ – објави информативната агенција Илирија-ИНА во својата видео-информација.
Инаку, „Лошиот Хисен“ е албанска народна песна од Косово, во која се „опејува“ борбата на Албанците со пушки и барут со „Шкиите“ (погрден назив за Србите и Македонците) и еве, предизборно добро расположениот Али Ахмети ја пее оваа песна во автомобил, со што тој и Груби како да испраќаат некому своевидна „борбена порака“ во овој предизборен период.
Последното видео со „распеаниот Ахмети“ Груби го објави на својот фејсбук-профил на 28 јануари годинава по повод „историскиот избор на првиот албански премиер на * Македонија“ кога неговиот партиски шеф „видно расположен и со силни емоции пее народна албанска песна за Калош Дани“.
Најновото видео со “распеаниот Ахмети“ на својот фејсбук-профил Груби го надополни со текстот „Колку за ќеф. Гласај 4. Европски фронт. Заедно“, со што многу јасно пеењето на Ахмети за „Лошиот Хисен“ го стави во функција на предизборна пропаганда, за да се гласа и да се избере на 8 мај и „првиот албански претседател на * Македонија“ во лицето на Бујар Османи. Со тоа, како што кажа сега веќе „европскиот претседател“ Бујар Османи во ноември 2023 година, да се „скрши последниот етнички монопол на Македонците во земјата функцијата претседателот на државата“!





