Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер ја забележа првата победа во Лигата на шампионите сезонава, и тоа на гости кај Фредериција, славејќи над данскиот вицешампион во Одензе со 25:23 во седмото коло за искачување на шестото место во групата, последно што води во елиминациите.



Првиот триумф на битолчани во најсилното клупско натпреварување во Европа по безмалку пет години им ги (под)отвори вратите на осминафиналето, дотолку повеќе што по тринеделната пауза го пречекуваат истиот ривал пред своите навивачи во салата „Боро Чурлевски“.

Голманот Никола Митревски е херојот во составот на Звонко Шундовски, запишувајќи 15 успешни интервенции (со безмалку 40 отсто успешност), од кои 9 во првото полувреме, по кое домаќинот, сепак, отиде на паузата со водство од 12:9.

Но, откога „зелено-белите“ преминаа во предност од 16:15 во средината на вториот дел, па до крајот на мечот не ја испуштија позитивата и сега имаат вкупно три бода, еден повеќе од Висла, која исто така доаѓа во Битола, како и од Фредериција.

Капитенот Филип Кузмановски постигна 5 гола од 11 удари, пивотменот Жарко Пешевски ги реализира сите четири обиди, а десниот бек Усама Хосни имаше ефект 4/6 во нападот.