Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев влегол во судир со премиерот Заев околу именувањето на контроверзниот српски директор Александар Обрадовиќ кој што веќе добил македонско државјанство и се подготвува да биде директор на најголемата државна компанија ЕЛЕМ.
Анѓушев кој во владата го претставува бизнисот официјално смета дека во земјата има доволно домашни експерти кои што можат успешно да менаџираат со ЕЛЕМ и со било која друга фирма. Неофицијално Анѓушев е лут затоа што дел од владините претставници ги информирале медиумите дека Србинот со македонски пасош е негов предлог затоа што додека бил бизнисмен соработувал со него.
Вицепремиерот според пријавениот анкетен лист е најбогатиот член на владата со околу 30 милиони евра имот и парични средства. Најголем дел од овие пари тој ги заработил во бизнис со струја во кој сега доминантен играч ќе биде натурализираниот Македонец Обрадовиќ кој во Србија беше дел од неколку афери додека го водеше „Српското елекстростопанство“.
Анѓушев во интервју за мкд.мк на прашање дали Обрадовиќ е негов предлог вели дека воопшто не го познава Србинот.
“Јас човекот не го познавам. Никогаш во животот не сум го видел. Ако мене ме прашате, јас сметам дека ние имаме доволно квалитетни луѓе што можат да ја раководат таа компанија. Колку што знам, за таа функција сѐ уште нема официјален предлог од Владата“, изјавил Анѓушев за Мкд.мк.




