Седумгодишно дете е убиено претпладнево во напад со нож во основно училиште во Загреб. Повредена е и наставничка чиј живот е во опасност, јавува Индекс.хр.
Убиецот е 19 годишник, поранешен ученик во училиштето „Пречко“. Напаѓачот бил облечен во црно, а некои сведоци велат дека бил маскиран. Влегол во училиштето и го извршил нападот.
Според последните информации, повредени се вкупно шест лица, од кои едно починало на терен за време на процедурата за реанимација, изјави министеркта за здравство Ирена Хрстиќ за новинарите при посетата на повредените на Клиниката за детски болести.
Две момчиња на возраст од 11 и 7 години со бројни убоди од нож се пренесени на Клиника.
Тие се надвор од животна опасност, но дијагностичката процедура се уште е во тек, изјави в.д. директорката на клиниката Ива Хојсак.
Убиецот на детето по нападот со нож побегнал во блискиот здравствен дом.
„Видов дека луѓето почнаа да трчаат покрај патот викајќи ‘држи го’. Видовме човек како панично трча. Имаше нож во раката, трчаше во исто време и изгледаше расеано, лицето му беше крваво, а косата му беше разбушавена, можеби беше дрогиран, но како да не знаеше што се случува“, рече сведок кој работи во фирма спроти училиштето.
Полицијата го пронашла убиецот во здравствениот дом само 10-15 минути по крвавиот напад.
Бил целиот облеан со крв и се претпоставува дека се обидел да се самоповреди или да се самоубие.
Како што се дознава, се работи за психички нестабилна личност, која минатата година веќе се обидела да се самоубие, изјави министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ.
Мајката на напаѓачот во интервју за „24 сата“ изјави дека тој се лекувал… татко му во девет часот го однел во дневна болница… Неколку пати бил во психијатриска болница.
Но според неа, „докторот ладнокрвно го пушти да излезе за да се грижиме за него, ноќе спиевме во страв, направивме се што можевме за да го спасиме тоа дете.
Тој очигледно ја напуштил дневната болница и земал нож и го направил тоа што го направил. Не знам зошто го направи тоа, пред пет години отиде во тоа училиште. Не знам која е причината.
Слушнав дека и самиот се избодел“, додаде таа.
Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, го прогласи утрешниот ден за ден на жалост на подрачјето на градот поради трагичниот напад врз учениците и вработените во основното училиште Пречко, соопштија од градот.





