Бујаре Абази, која на функцијата генерален директор на македонска „Пошта“ и претседател на УО дошла на 13 март 2023 година, си ја зголемила платата, но им поделила повисоки плати и на вработените од првиот ешалон и покрај загубите.
Ревизорите констатирале и дека „во септември 2023 година и покрај континуираниот негативен финансиски резултат, друштвото извршило зголемување на месечната нето-плата на директорите на сектори, заменик генералниот и генералниот директор за 42% до 58% соодветно, објави Слободен печат“
На крајот од 2023 година, Пошта завршила со негативен резултат од 2,2 милиони евра!
Ревизорите потсетуваат дека ова е спротивно на Законот за трговски друштва каде што децидно пишува:
„Во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менаџерскиот договор, може да се намалат“.
Во Извештајот се забележува дека континуираните загуби негативно се одразуваат на тековното и идно работење на друштвото, не овозможуваат негов развој и го доведуваат во прашање ефикасното, трајното, уредно и квалитетно вршење на дејноста како јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај.
Од 2017 година, заклучно со 2023 година АД Пошта имало акумулирана вкупна загуба од околу 17 милиони евра.
Пред тоа, имало години кога имало добивки, а имало и години со загуба. Во континуираниот период на загуби, најлоша е 2022 година во износ од над 3,7 милиони евра.
Речиси оловина од пратките по пошта не стигнуваат навреме
Околу оправдувањата дека нема доволно поштари, ДЗР открива дека „друштвото има склучено договори со 276 пошторазнесувачи, но дел од нив, наместо за договорените услуги, ангажирани се за извршување други административни задачи“.






