Пратеничката Даути го нападна во Собранието министерот Таравари зошто се обратил на македонски, а не на албански јазик!

„Пратеничката Илире Даути, која е и потпретседателка на Алијансата за Албанците на Зијадин Села, му реагираше на министерот за здравство Арбен Таравари дека не го почитува албанскиот јазик, откако тој во својот говор се обрати пред собраниската комисија на македонски јазик, а исто така и поради тоа што предал закон во Собрането пак само на македонски јазик.“ – објави информативниот портал на албански јазик „Алмакос“.

Во својата информација „Алмакос“ ја постави и видео-снимката од искажувањето на Илире Даути во Собранието на Република Македонија, во кое, покрај другото таа вели: „Воопшто не е добро што Арбен Таравари е првиот министер-Албанец, кој ни се обраќа за првпат на македонски јазик нам, на пратениците-Албанци овде во Собранието. Сакам да го известам министерот, ако не е свесен, дека токму Алијансата за Албанците придонесе од поодамна да ја имаме можноста овде во Собранието да го користиме албанскиот јазик, кој тој не го користеше, но има можност и како институција и како министер за здравство да ни се обраќа на албански јазик и согласно со закон. Не ви ја разбирам логиката, Арбен: министерот-Албанец за здравство да му се обраќа само на македонски јазик на Африм Гаши, претседателот на Собранието, исто така Албанец, Потоа и двајцата заеднички да ни се обратат нам, на пратениците-Албанци со закон, кој е поставен на интернет-страницата пак само на македонски јазик.“