Правосудна мафија 3: Обвинител за 24 часа два пати менувал диспозитив за наводно дело старо 18 години

Обвинител од скопското Вишо јавно обвинителство во рок од 24 часа два пати менувал диспозитив за настани стари 18 години кои според сите расположиви наоди воопшто не се кривично дело, а дури и да биле досега се застарени во секој поглед.



Вишиот обвинител Јован Цветановски на 17 Октомври годинава испратил допис до Кривичниот совет при Апелациониот суд во Скопје за кривичниот предмет со ознака КЖ 597/24.

Во него по цели 18 години од кога наводно е сторен криминал обвинителот Цветановски менува диспозитив на обвинение.

Официјално вишиот обвинител во дописот пишува дека промената на диспозитивот се врши за поголема економичност на постапката.

Во дописот до Кривичниот совет на скопска апелација вишиот обвинител прави низа сериозни прекршоци во смисла на вистинитост на неговите аргументи што се докажува уште во истото деноноќие.

Катастрофалната правосудна ситуација во која се инволвирани и други важни луѓе од правосудството и бизнисот меѓу кои има и сопружници не запира тука.

На 18 Октомври, односно наредниот ден откако на 17ти го пратил дописот обвинителот Цветановски праќа нов допис до Апелациониот суд.

Во него бара Кривичниот совет при скопска апелација да го занемари дописот од претходниот ден и истиот го повлекува.

Причината за повлекувањето според новиот допис е во тоа што претходниот ден направил технички грешки, а истиот бил нецелосен.

Цветановски во дописот индиректно признава дека обвинението што го турка нема правна основа затоа што веќе не постои еден и тоа главниот дел од членот од Кривичниот законик врз основа на кој се води предмет за настани од пред 18 години.

Обвинителот сега пишува дека е променета правната квалификација на делото, но во актот не објаснува дека со најновиот диспозитив, свесно и со намера, го остава делото неизвршување.

И нему му е јасно дека не е професионално по 18 години од наводното дело да менува правна квалификација на полошо но тој сепак го прави тоа иако за упатените е јасно како треба да се однесува по промената на став 1 од членот 353 од Кривичниот законик.

Согласно Законот за кривична постапка и воспоставената судска практика давање на полоша квалификација во второстепена постапка, особено како во случајов по 18 години од наводно сторено дело е недозволиво.

Вака поставениот обвинител Цветановски дава простор за сомнеж дека се обидува со нова правна квалификација и нов диспозитив индиректно да ги заштити интересите на една страна во предмет кој наводно се случил пред 18 години.

Дали причина за ваквото негово однесување се огромните пари што треба да ги добие фирма која ја управува сопруг на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева или пак Цветановски има некаква професионална правна основа и логика за вакво однесување е тешко да се процени.

Како е можно речиси десет години откако се води судската борба за наводно дело кое е старо 18 години искусен виш обвинител како Цветановски да поднесе нецелосен допис кој е и технички неисправен може и да не е некоја голема тајна.

Со повлекување на допис стар еден ден или тој признава дека е неспособен или има други мотиви за да направи грешка.

И двете сценарија може да се доволна причина Цветановски да се најде пред Советот за јавни обвинители па дури и пред негови колеги јавни обвинители.

Дополнително,тој со првичниот допис од 17.10.2024 година во судот ги враќа и списите на предметот и во моментот на “пишување” на второто обвинение воопшто нема предмет кај себе.

Без предмет, тој не бил во можност да напише обвинение, па тука основано се поставува прашањето кој е авторот на второто писание од 18.10.2024 година, кое тој сосема е можно само да го потпишува и да го препраќа во судот.

Во врска со силата на аргументите во првиот допис на Цветановски од 17 Октомври извори во Апелација тврдат дека веднаш откако бил примен дописот од Цветановски нему од страна на членови на неформалната правосудната мафија му било кажано дека дописот е глуп и така напишан ќе мора да падне.

Причините според изворите во апелација не се во техничките грешки или во нецелосноста на дописот туку во неговата правна неодржливост.

Дописот на Цветановски се однесува на предмет за наводен криминал во Скопски пазар од 2006/7 година.

Повеќе детали за овој скандалозен случај вреден над 40 милиони денари во овој текст

Правосудна мафија 2: Предмет на сопруг на правосудна ,,моќничка” вреден милиони ,,смрди” на сомнеж за корупција