Православните верници денеска го слават празникот Богојавление Водици денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан.
Со тоа му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата.
Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица)
Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
И годинава ќе продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води.
На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.






