Кумановци ја добија потребната потврда од Агенцијата за храна и ветеринарство дека водата е безбедна за пиење.



„Добиени се задоволителни резултати од тестирањата во однос на физичко – хемиските и бактериолошките параметри, односно водата од кумановскиот водовод е безбедна за пиење, поради што Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја укинува забраната за нејзина употреба која беше донесена на 23 овој месец, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Директорот на ЈП „Водовод“ Куманово, Оливер Стојамановски кажа дека водата во целиот водоснабдувачки систем е исправна и може да се користи и како вода за пиење.

Причина за 8-дневниот проблем со водата беше невремето во липковскиот регион се случи на 21 мај годинава. Пороен дожд и град ги уништи земјоделските култури, предизвика штети на куќи во оваа општина каде се сместени браните Липково и Глажња од каде со вода се снабдува Куманово.

На 22 мај, јавното претпријатие „Водовод“ ги извести граѓаните дека утрото во 05 часот е затворен доводниот цевковод од Липково, и водата со зголемена матност се испушта во канализациската мрежа.

Зголемената матност на водата ја забележале вработените во одделението за водоснабдувачки објекти во Фабриката за вода (Филтер станица) кои евидентирале дотур на вода од хидромелиоративниот систем Липково-Глажња со зголемена матност.