По два века неутралност Шведска денеска и официјално станува 32-та членка на НАТО.



Официјален Стокхолм пред две години поднесе апликација за членство што беше оценето како голем чекор за земја која досега се придржуваше до воено неврзување за да не го навлече гневот на Москва.

Иако Шведска придонесува за меѓународните мировни сили, таа не доживеала војна од конфликтот со Норвешка во 1814 година.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон во Вашингтон официјално ќе му ги предаде на шефот на американската дипломатија Антони Блинкен документите за ратификација до кои земјата стигна по долги борби со одделни членки на Алијансата.

Сино-жолтото шведско знаме во понеделник треба да биде подигнато пред седиштето на НАТО во Брисел, објави Politico.

Минатата недела Русија најави дека ќе преземе „контрамерки“ како одговор на пристапувањето на Стокхолм во алијансата, што ќе зависи „од условите и степенот на интеграција на Шведска во НАТО“.

Со приемот на Шведска, по Финска минатата година, сите земји со излез на Балтичкото Море, со исклучок на Русија, сега се членки на Атлантската алијанса.