Христијан Мицкоски денеска во Валандово е избран за нов претседател на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Од присутните 438 делегати, гласале 428, а од нив за него го дале гласот 376 делегати. Од избројаните, 52 ливчиња се неважечки.
Мицкоски беше и единствениот кандидат на шеснаесетиот Вонреден конгрес на партијата. Во своето обраќање пред јавноста и делегатите, тој изјави дека да се биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ е голема чест и задоволство.
„Сега е време да станеме заедно, ВМРО го очекува тоа од нас, а државата го бара тоа од нас. Потребен е нов елан и нова енергија. Ова што сега го гледаме не е ниту светлина, ни надеж, туку темнина и разочарување”, рече Мицкоски и додаде: „Мојата визија за Македонија е земја на среќни граѓани. Силна економија со домашно стопанство и крупни инвестиции. Земја со стабилен бруто домашен производ. Граѓаните заслужуваат подобро здравство. Корупцијата, политичките притисоци и одмазда мора да станат минато. Правичноста е најважна. Мора да растат платите на граѓаните. Во надворешната политика планот 3-6-9 нема резултат. Деветката ќе дојде, тројката не ја ни почнавме. Младите ја губат перспективата. Македонија е се подалеку од ЕУ“.
Претходно Никола Груевски доби плакета за почесен претседател на партијата. Тој во својот говор пред партиските соработници истакна дека партијата го започнува походот кон новата победа и враќање на власт. Груевски рече дека жали што партијата е истовремено нападната однадвор, но и под внатрешен притисок и неразбирлива реакција од нејзините членови.
„Останав цврст и стабилен и при најтешките удари и тешко ми паѓа кога преку ноќ ќе видам вакво однесување на мои блиски соработници кои се наоѓаат под притисок,” рече Груевски.






