По стапките на претците од Егејска Македонија (3)

Сиреја Ајтеш, внука на раселени македонски муслимани од костурските села, каде мултиетничкиот соживот меѓу Турци, Власи, Македонци, Албанци и понекој Грк биле секојдневие, се заинтересирала колку биле вистинити приказаните на нејзините претци, дедо и баба, кои и раскажувале за селото Жертвни, за жетвите, за поинаквата клима, за различноста во односот на луѓето.



На 30-ти јануари 1923 година, по завршувањето на тригодишната војна, Грција и Турција ја потпишаа Конвенцијата за размената на турски и грчки популации со договорот од Лозана, Швајцарија, инаку прв меѓународно ратификуван чин на религиозно чистење на светот.

До 1924 година, околу 1.5 милиони православни христијани од Анадолијата и 356.000 балкански и критски муслимани биле протерани од своите татковини и преселени на спротивната страна на Егејот.

Нејзините претци биле „фрлени“ во Мустафапаша, камено село на Кападокиското плато со празни куќи на насилно протераните христијани.

За селото Жервени, Костурско, слушала само приказни од нејзините баби и дедовци. Приказната што најмногу влијаеше врз неа, била онаа за последниот ден пред заминување од Жервени, кога „жените ги посетиле гробовите на нивните претци за последен пат, многу од нив паѓале врз гробовите… мажите морале да ги влечат“.

Жервени во 1928 година доби грчко име Агиос Антониос, во процесот на преименување на сите населени места на северот од Грција каде живее(ло) не-грчко население. Во тие места е населено грчко население од Мала Азија.

Сиреја Ајташ не е универзитетски професор. Таа е професор по општествени студии и самоук трагач по вистината за нејзинит корени.

Нејзината прва книга „Вечен бегалец“ претставува компилација на сведоштвата од оние кои ја доживеале присилната миграција. Учествувала и во изработката на два филма: „Оаза во пустината: културно наследство и јазик на македонско-говорната заедница во Мустафапаша“(2007)  и „Жива меморија“ во продукција на Турската радиотелевизија (ТРТ) од 2011 година, која го документира враќањето на потомците на бегалците во нивните села во северна Грција. Сега подготвува уште една книга за Жервени.

Во 2009 година, Ајташ дознала дека наскоро може да биде ограничен пристапот до архивите во Анкара кои се однесуваат на размената од 1923-та година.

Се јавила на братучетка ѝ, пензионираниот професор по отоманска историја, Лејла Каплан и ја замолила да прочепка во архвите во Анкара.

Сиреја заедно со братучетка ѝ Лејла успеале да обезбедат копии од 163 документи, за  бројот животни и во чија сопственост биле, големината на земјиштето, нивната локација, видовите на произведени култури и точниот број и видови дрвја што растеле на земјиштето во 1923 година.

Таму се содржани и информации од личните карти на размена и можат да им овозможат на потомците да ги лоцираат роднините изгубени за време на раселувањето.

Сепак, многу потомци на бегалци не знаат доволно за своите баби и дедовци…дури и втората генерација веќе заборави од каде доаѓаат, вели Сиреја. Тие имаат сеѓавања само за Солун, градот каде што нивните родители се качија на брод за Турција.

Дури и ако потомците имаат доволно информации за семејството за да добијат архивски пристап, останува уште еден проблем: документите се со отоманско писмо, кое повеќето Турци не можат да го прочитаат.

Но, Лејла ги преведе овие документи на турски јазик, вели Сиреја Ајташ, така што утре нашите внуци нема да бидат толку збунети како што бевме ние.

првите два дела од оваа лична драма на следните линкови

прв дел 

втор дел