Пред да има нови предлози за името Грција и Македонија ќе мораат да разговараат за некои базични работи најавува специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН во спорот за името.
Владата во Скопје е желна да ја реактивира својата надворешна политика во регионот и очигледно, и прашањето за името, како важна пречка на патот кон ЕУ и влезот во НАТО“, изјавил медијаторот Метју Нимиц по средбата во Брисел со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас.
На прашање на Балканската независна новинска агенција дали гледа можност за решение на спорот медијаторот изјавил дека по неколкугодишен застој новата влада во Скопје е решена да направи исчекор во изнаоѓање решение. Прашањето за името според него е високо на агендата на Македонската влада и затоа смета дека постои можност за изнаоѓање на решение.
Сепак медијаторот по посетата на Скопје и средбата со Коѕиас вели дека ќе биде во контакт со двете страни во наредните месеци во кои ќе развие нов „план за игра“ за да се тргне напред.
Нимиц не може да предвиди дали следната рунда разговори ќе биде во Њујорк или во Европа, вели дека и тој како и другите страни патуваат, употребуваат модерна технологија и затоа сите опции со во игра.
Посредникот во спорот за името именуван од ОН повторува дека не дал нови предлози на средбите со македонските претставници и со министерот Коѕиас.
„Имаше предлози во минатото и мислам дека сега е време за разговори за некои базични концепти пред да дојдеме до предлози“, изјавил Нимиц по средбата во Брисел по која се враќа во САД.





