По средбата на Таравари со „најевропскиот премиер“ Рама, „координирање за албанското национално прашање“ меѓу АА и СП на Албанија!

„Висока делегација на Алијансата за Албанците, предводена од претседателот на партијата Арбен Таравари, престојуваше во официјална посета на Албанија, при што оствари низа средби со високи претставници на Социјалистичката партија на Албанија. За време на разговорите беше нагласена потребата да се продлабочува соработката во интерес на националното прашање, како и да се градат нови комуникациски мостови, заради координација на политиките, што ги претставуваат интересите на Албанците во регионот. Посетата е оценета како важен чекор кон зајакнување на политичките врски и претставување на соработката меѓу напредните албански сили од двете страни на границата.“ – објави информативниот портал на албански јазик „Алмакос“.



Порталот натаму истакнува: „Делегацијата на АА ја сочинуваа Елфете Исмаили, претседателката на Форумот на жените на АА, Флакрон Беџети, организацискиот секретар Гадаф Узеири, пратениците Ријад Шаќири и Садик Сулејмани, член на Централното претседателство, како и Недим Изеири. Тие беа топло пречекани од секретарот на Социјалистичката партија Бленди Клоси, и секретарката за надворешни односи Ромина Куко.“

„Средбите се одржаа во конструктивна атмосфера. Разговорите се насочија на зајакнувањето на меѓупартиските односи, регионалната соработка и размената на искуства во областа на политичкото организирање и функционирање. Делегацијата на АА упати срдечни честитки за победата на Социјалистичката партија на неодамнешните избори во Албанија.“

Пред оваа средба Таравари во Тирана денес имаше официјална средба со премиерот на Албанија, Еди Рама, кој е едновремено и претседател на Социјалистичката паертија на оваа држава, која е победник на тамошните парламентарни избори, одржани на 11 мај 2025 година. На фејсбук по средбата Таравари напиша: „Со најевропскиот премиер во моментов, како што велат насекаде во последно време: со Еди.“

Пред два дена претседателот на ДУИ Али Ахмети, преку објава на фејсбук му ја честиташе победата на Рама на изборите во оваа држава, одржани на 11 мај, со порака дека „братски го прегрнува“, оти ќе му го „чува грбот“ и дека „ќе му го отвора патот на кон евроиднината“.

По денешната средба меѓу Таравари и Рама, земајќи ја предвид и „братската честитка“ на Ахмети до претседателот на албанската влада, се наметнуват неколку прашања: штом и Таравари и Ахмети разговараат со албанскиот премиер во врска со политички прашања во суверена Република Македонија, дали тие двајцата свесно и плански, меѓусебно искоординирани, ги вмешуваат Албанија и Рама во внатрешните работи на Македонија?! Дали Таравари и Ахмети, кои најверојатно веќе имаат и постигнат договор за заедничко дејствување не само на локалните избори, пресметано ја подведуваат Република Македонија под влијание од Албанија?

Дали можеби се „готви“ и „Тиранска платформа 3“?! Објавувајќи информација за  денешната средба Рама-Таравари во Тирана, ТВ Алсат потсети дека „Рама беше отворен критичар на обединувањето на албанската опозиција против ДУИ“ и потоа укажа токму на потпишувањето на „Тиранската платформа 1“ во Тирана во 2016 година: „Во 2016 година Рама беше посредник на Декларацијата на албанските политички партии, со која беа преземени неколку обврски, кои никогаш не беа реализирани. Таравари се сретна денес со Рама кратко време по средбата, што ја имаше и со албанскиот претседател Бајрам Бегај, на која се случи и ракување на Таравари и Ахмети се ракуваа, во време кога отворено се зборуваше за можен договор меѓу нив.“