По Ракометната федерација на Македонија, и Владата го исполни ветувањето за вкупна парична награда од три милиони денари за машката сениорска репрезентација за настапот и освоеното 15. место на неодамнешното 29. Светско првенство во Хрватска, Данска и Норвешка.
„Во име на Владата и во мое лично име, сакам од срце да им честитам на нашите ракометари за одличниот настап и за гордоста што ни ја донесоа со своите храбри игри во Хрватска! Вие повторно покажавте дека со борбен дух, посветеност и заедништво можеме да ги поместиме границите на можностите и да ја претставиме Македонија во најдобро светло“, рече премиерот Христијан Мицкоски на приемот на членовите на националниот тим, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски.
„Секој ваш натпревар беше доказ за силата на македонскиот спортски дух. Борбата на теренот, срцето што го оставивте за нашиот дрес и поддршката што ја добивте од македонските навивачи се вистински пример за тоа што значи љубов кон татковината“, додаде претседателот на Владата.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров утревечер ќе ја пречекаат Словенија во арената „Борис Трајковски“ во квалификациите за Европското првенство.






