По „Путинка“, Русија на пат да добие и вотка „Трамповка“

Руската софтверска компанија RAU IT се надева дека ќе заработи на победата на Доналд Трамп на изборите во САД со продажба на пијалоци, вклучително и алкохолни пијалоци и минерална вода, брендирани како „Трамповка“.



Руската служба за интелектуална сопственост „Роспатент” регистрираше апликација за патентирање на пијалоци именувани по новоизбраниот претседател на САД. Според Меѓународната класификација на стоки и услуги, трговската марка „Трамповка“ ќе овозможи производство на пиво, вино и жесток алкохол, како и спортски пијалоци и безалкохолни коктели.

Податоците од апликацијата на вебстраницата на „Роспатент” покажуваат дека на етикетата на вотката „Трамповка“ ќе биде прикажана силуета на Доналд Трамп со хармоника во рацете. Компанијата со седиште во Санкт Петербург објасни дека го гледа производството на пијалоци како начин за диверзификација на својот бизнис, кој моментално се фокусира на развој на софтвер, а меѓу своите клиенти има подружници на „Росатом“, „Лукоил“ и „Гаспром“.

Слични потези беа направени и во минатото. Неколку години откако Владимир Путин стана претседател на Русија, вотката „Путинка“ беше пуштена во промет. Брендот доживеа врвна продажба, а маркетинг потегот се сметаше за успех.